Мерсиха Смаиловиќ од БДС: „Ќе одекне гласот на патриотизмот“
Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) е кандидатка за претседател на Република Северна Македонија на Претседателските избори 2024. Доаѓа од приватниот сектор, во јавноста е позната како граѓанска активистка во борба за човековите права.
На прес-конференција на која беше промовирана нејзината кандидатура, таа рече дека иако првпат бошњачката заедница има свој претседателски кандидат, нејзината етничка припадност не ја одредува во политички контекст и нејзината програма и заложби ќе бидат за подобра иднина на сите луѓе во нашето мултиетничко општество и дека и фокусот во кампањата ќе биде на сите граѓани на државава.
-Впрочем, својот активизам сум го докажала и партијата со своите заложби докажала дека нашите напори ќе бидат за сите граѓани на оваа држава... Мојата замисла и замислата на партијата е оваа кампања да ги претстави сите важни проблеми и предизвици коишто ги имаат граѓаните на нашата држава и да понудиме реални решенија коишто ќе бидат вистинити и функционални, а не само политички памфлети коишто ќе го поминат денот. Наша цел во текот на кампањата е да ги слушаме граѓаните, како што ги слушавме во изминатиот период, и да одговориме на нивните наједноставни прашања кои го засегаат нивниот живот. Да го направиме животот подобар за сите нив и да нудиме перспективи коишто ќе го направат многу поедноставен животот и многу поприфатлив. Мојата идеја на внатрешен план е да ја зајакнеме кохезијата, а на надворешен план да ги зајакнеме добрососедските односи и односи со нашите стратешки партнери, но да се водиме исклучиво од тоа што е во интерес на граѓаните, истакна Смаиловиќ.
Од предизборната кампања очекува „да одекнува гласот на патриотизмот и тоа да биде главна алатка во обидите да се освојат гласови“, но, рече, за неа патриотизмот е подобар живот на секој поединец.
-За мене патриотизмот во најширока смисла е борбата секој мој сограѓанин, секој мој пријател, секој мој близок да живее подобро од денес и да се чувствува дека припаѓа на оваа држава и дека е почитуван од оваа држава. Тоа е вистинска смисла на патриотизмот којшто сите ние го чувствуваме во себе, рече Смаиловиќ и ги повика сите граѓани, како што рече, „заедно да го изодиме тој пат и да создадеме амбиент во кој вреди да се биде дел од оваа наша прекрасна држава“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа