Мицкоски: Ако Заев го одбрани националниот интерес ќе му честитам, ако направи предавство ќе му се случи народ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција порача дека доколку премиерот Зоран Заев во преговорите со Бугарија го одбрани националниот интерес, лично ќе му честита. Во спротивно предупреди Мицкоски, истиот ден на Заев ќе му се случи народ.

Во продолжение во целост ви го пренесуваме неговиот говор:

„Голема лага е дека Зоран Заев постигнувал успеси на меѓународен план. Во Европа ја знаат земјава по корупција, неправди и најновото дебаклот со здравствената криза. Со оваа влада ниту Европската унија станува реалност, ниту пак некое билатерално прашање е затворено во наша корист. Доказ за тоа е спорот со нашиот источен сосед што е огромна пречка, а кој овде ни го продаваа како голем успех откако се потпиша договорот од страна на Владата на Зоран Заев со кој наводно постигнат е траен компромис, а со тоа всушност се отвори пандорината кутија.

Морам да кажам дека имајќи ја во предвид важноста на разговорите со Источниот сосед, и нашиот стратешки интерес да се почнат преговори со Европската Унија, претходниот период се воздржував од јавни настапи и прес конференции со цел истите да не бидат погрешно разбрани, но и да се даде можност за фер, чесно решение. Сметам дека одговорно е да се дозволи владата да го има целиот простор да ги оствари стратешките цели, но и да ги зачува што треба да претставува нејзин прв приоритет, националните интереси.

Но очигледно сме сведоци дека сето ова се удира во ѕид, и се враќаме отпочеток на изворот на проблемите.
Целиот овој проблем со источниот сосед се темели на една лага на Зоран Заев и на една негова основна каратеристика која како буквар ја научија сите наши соседи а тоа е системот на преговори преку свиткана кичма.

Овој проблем немаше дотолку да ескалира и денес да имаме една се чини непремослива препрека и кочница на патот кон Европската Унија ако не беше Зоран Заев и неговата лага дека работата со датумот е завршена.
Дополнително дека нашиот источен сосед ќе добие нешто што тој неформално им го има ветено, решение за јазикот, историјата и народот по терк на нашиот источен сосед, а се знае дека ова тука во земјава нема шанси да помине кај граѓаните. Значи една работа кажува тука пред домашната јавност, а сосема друга лажна надеж им има ветувано на средбите со претставниците на владата на нашиот источен сосед. И токму затоа при една средба, со еден а верувајте многу висок претставик кај владата на нашиот источен сосед истиот ми рече, не бараме повеќе од тоа што Зоран Заев ни го има ветено пред изборите во 2016 година. И тие знаат дека со Заев имаат неповторлива шанса да добијат решение какво ниту една македонска влада овде не би постигнала.

И токму затоа ниту една влада порано било да е од левицата или десницата од независноста до денес не потклена на негаторски барања на нашиот источниот сосед кои ги слушаме зачестено последниов период. Ниту владата на Кљусев, ниту таа на Црвенковски и Љупчо Гоергиевски, ниту на Костов, Бучковски или таа на Груевски, и нути еден претседател не потклекна почнувајќи од Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорѓи Иванов.

И после се она што поминавме во овие 4 години власт на Заев ние со соочуваме и ја живееме грешката дека овој човек има ветувано се и сешто, буквално се и сешто само за да дојде на власт. Но овде и тука освен Заев и неколкумина околу него климачи со глава не смее да се негира дека има и друг факт, а тоа е фактот народ.
Нема Mакедонец ниту било кој граѓанин што и малку ја чуствуваа оваа земја како своја што не се чувствува понижено, навредено од сите оние изјави дека народот ни бил вештачки, дека јазикот е дрво без корен, туку така измислен во 45тата година, дека нашите свети борци за слобода биле бугари и што ли уште не. Сега треба да се правиме отсутни од реалноста и историските факти и да прифатиме дека тука имало бугарска администрација, а не окупаторска војска, фашистите да ги направиме административци и што ли уште не.
Тоа боли, но уште повеќе боли тоа што владата и Заев молчи на сето ова и не одговара ниту демантира. Јас ги разбирам оние бесцелни прес конференции на министерот за надворешни работи и Зоран Заев кога велат дека му даваат шанси на процесот, но исто треба да бидат свесни и отчетни пред граѓаните и да кажат за што преговараат и кои се тие 7, 8 точки по кои што постигнале напредок.

Згора на тоа сведоци сме и на таен нон пејпер кој Владата не го коментира, ама го прифатила и притоа необјаснувајќи во чиво име тоа го направила и со кого се консултирала за сето ова.

Главниот проблем е што ниту тогаш, ниту денес кога се приближуваме во последните денови од финалните разговори Заев и владата преговараат без притоа да имаме општ политички консензус внатре за едно вакво важно прашање.

И затоа меѓудругото барав лидерска средба на која ќе дискутираме и за преговорите со Бугарија и затоа беше важно заеднички да настапиме затоа не може еден човек да разговара во името на сите и да мисли дека може да прифаќа нон пејпери кои никогаш не сме ги анализирале.

И ќе бидам јасен како ден, со чист став како солза. Ние како ВМРО-ДПМНЕ немаме намера да прифатиме компромис кој не асимилира, немаме намера да свиткаме кичма. А и ти Заев те повикувам барем еднаш, еднаш во твоето политичко функционирање да не подвиткуваш кичма. Барем еднаш, направи спротивно од се до сега што правиш досега, и исправи се барем еднаш. Ние како нација и држава не можеме да прифатиме да се самопорекнеме, или самоодречеме по секоја цена, јас би рекол по ниту една цена.

Мора некогаш да се каже доста е на лазењето по нерви и навредливата реторика во која ние Македонците ќе се повлекуваме и постојано ќе губиме. Доста е од тоа како држава да даваме се, а да не добиеме барем малку.
Не смееме да прифатиме да се самоизбришеме.

Сакам ова да го потенцирам, ако Владата постигне решение, внимателно ќе повторам ако владата постигне решение недвосмислено заштитувајќи го нашиот македонски јазик и неговата антропологија и историја, ако владата постигне решение а притоа да не се откаже од македонското малцинство кај нашиот источен сосед, ако владата постигне решение во кое што ќе ги заштити историјата, имињата и жртвата на дејците кои што животот го положија за независна македонска држава, ако владата постигне решение во кое што нема окупаторите да бидат административци, тогаш јас ќе бидам првиот кој што ќе застанам овде пред вас и ќе им честитам и ќе им ја стегнам раката, и ќе им речам секоја чест ги запазивте и одбранивте македонските национални интереси.

Но, во исто време предупредувам, ако владата се обидува да преговара за решение кое што ќе го негира нашиот идентитет, историјата, антропологијата на нашиот македонски јазик, неговата посебност, во кое што ќе ги понижи жртвите на македонските дејци кои што се бореа за независна македонска современа држава, ако во исто време преговара за решение со кое што ќе се откаже од македонското малцинство кај нашиот источен сосед, ако во исто време преговара за решение кое што подразбира дека окупаторот бил административец, тогаш јас ви ветувам ќе им се случи народ истиот ден низ цела Македонија. Овие неколку дена се многу значајни со разговорите со нашиот источниот сосед, а нам искуството со оваа влада ни вели дека мора да се биде претпазливи.

Апелирам Владата на Заев како свој прв приоритет нека ги постави заштита на националните и стратешки интереси и да постигне решение не по цена на самоодрекнување и бришење, решение кое ќе биде гарантор на нашиот идентиет, јазик и посебност и виза за непречен почеток на преговори со ЕУ“, кажа Мицкоски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.11.2020 - 14:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега