Мицкоски: Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“ застанува зад бранот на промени кои ќе обезбедат стабилна и силна Македонија


Денес потпишавме 
Повелба за стратешко коалицирање и утврдување на принципите на идна работа на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ наречена „Твоја Македонија“, изјави 
претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ Твоја Македонија е најбројната досега коалиција составена од 24 политички субјекти и организации кои застануваат зад бранот на промени кои треба да обезбедат стабилна и силна Македонија, рече Мицкоски.

„Тргнувајќи од целта за сеопшт политички и државен развој и напредок на нашата татковина Република Македонија;

Констатирајќи го девастирачкиот карактер врз македонската економија, политика и национални интереси на актуелната владејачка клика;

Свесни за сериозноста на предизвиците пред кои е исправена Република Македонија во битката за сеопшт политички, економски, социјален и културен развој;

Коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека при реализацијата на програмата за претседателските и парламентарните избори во 2024-тата година, целосно и недвосмислено ќе се водиме од принципите на одговорност и транспарентност во политичкото дејствување“, изјави Мицкоски.

Свесни за девастирачкиот карактер на политиките на неодговорната владејачка клика, обзнануваме дека развојот на економијата, економскиот раст, домашните и странски инвестиции, како услов за отворање на нови работни места и подобар живот на граѓаните, се врвни приоритети на партиите - членки на коалицијата „Твоја Македонија“, рече Мицкоски.

„Недвосмислена и цврста борба против корупцијата и намалување на обемната бирократијата се наш носечки предизвик бидејќи цврсто веруваме дека праведноста во општеството е основен предуслов за вкупен развој на татковината. Оттаму, длабоко свесни за истакнатото, коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека жестоко, праведно и принципиелно ќе иницираме и ќе поддржиме акции на правната држава кои треба да ја вратат разнишаната доверба на граѓаните во институциите на државната власт“, посочи Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека основниот концепт за развој на приватната иницијатива е почитување на економската слобода и развој на креативноста на личноста

„Нагласувајќи го разорното дејство на криминалот и корупцијата на актуелната владејачка клика, остануваме посветени на економската модернизација на татковината. Во таа насока се обврзуваме дека ќе генерираме нови политики во функција на финансирање на изградба на меѓународните и локалните патишта, железничките коридори, електраните, гасоводните системи, далноводите, училиштата, болниците како и други инфраструктурни проекти.

Манифестираме јасна, непоколеблива и цврста решеност да реализираме реформи кои ќе обезбедат долгорочен економски раст и напредок на Македонија бидејќи цврсто веруваме дека борбата за подобри економски постигнувања значи борба за подобар живот и подобар стандард на македонските граѓани.

Воедно апелираме да има масовна излезеност на овие избори бидејќи неизлегувањето на овие избори подразбира поддршка на неодговорната и криминална власт. Затоа излезноста е клучот. Промените се во ваши раце', потенцираше Мицкоски.

29.03.2024 - 12:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега