Мицкоски му кажал на Ескобар зошто не прифаќа уставни измени под бугарски диктат
Беше тоа средба конструктивна и пријателска помеѓу стратешки пријатели , САД како наш најголем и најзначаен стратешки партнер и Македонија, оцени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за средбата со заменик помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар.
Мицкоски посочи дека го искажале ставот на партијата и уште еднаш потврдиле дека ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа уставни измени под бугарски диктат.
-Оваа Влада и покрај тоа што има кредибилитет нула, ги злоупотребува претставниците на меѓународната заедница, чиј што дел се и САД, со лажни информации, и дел од тие лажни информации моравме да ги дебрифираме за време на состанокот на средбата со господинот Ескобар и амбасадорот Ангела Агелер и ценам дека лично на господинот Ескобар позициите на ВМРО-ДПМНЕ му се појасни. Ние сме исто така како и тие загрижени за актуелната состојба на Македонија иако нашата загриженост е поголема затоа што сепак ние живееме во оваа држава – рече Мицкоски.
Тој повтори дека иако се ближат редовните избори, тој бара што поскоро да има предвремени избори, бидејќи, како што рече, единствената политика што ја има сегашната Влада, е прифаќање на бугарски диктат.
– Немаат две третини, немаат 80 пратеника и не постои ниту една друга сврзна точка којашто на нив би им била оправдување да останат ден повеќе таму каде што се. Оваа Влада, без народен легитимитет и политички кредибилитет еднаков на нула, не може да испорача реформи, не може Македонија да ја придвижи на патот кон Европа – додаде Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа