Мицкоски: На пратеници од ВМРО-ДПМНЕ им биле нудени шестцифрени суми за да ја поддржат програмата на СДСМ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека на пратениците од неговата партија им биле нудени шестцифрени суми за да ја поддржат програмата на СДСМ. Тој рече дека ги знае имињата на тие „мистериозни“ ликови кои им приоѓале на пратениците, но во овој момент нема да ги обелодени.

 „Не би сакал сега јавно да зборувам за имињата на тие лица, тоа би било многу несериозно. Врз основа на сведочењата на луѓето на кои им е пристапено, јас само предупредив дека лица пришле на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и тоа е нормално. Нормално е да се пристапи, да се рече видете ваква програма нуди СДСМ, но шест-седум цифрени бројки во странска валута и ветувања за привилегии, со понуда дека утре ви е обезбедена средба со врвот на раководството на СДСМ, тоа предизвикува згрозување кај слушателот, кој е пратеник од нашата коалиција и кај мене. Се надевам дека ова ќе бидат неуспешни епизоди кои оставаат флека на демократските процеси во државата и дека нема да се повторат“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања поврзани со формирањето на идната Влада.

 

Тој додаде дека, познавајќи ги пратениците од коалицијата „За обнова на Македонија“, овие работи нема да се повторат, бидејќи тие не препознаваат капацитет во човекот кој претендира да ја води идната Влада, а е негов политички конкурент.

Мицкоски на денешната прес-конференција рече дека во текот на вчерашниот ден немале средби и разговори со претставници на другите политички партии за формирање на парламентарно мнозинство, но најави дека во следните денови тоа ќе се случи.

ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски, е политичка партија која во периодот што претстои ќе се обиде да формира парламентарно мнозинство од 61 пратеник, но не по секоја цена.

„Ќе се обидам да формирам парламентарно мнозинство од 61 пратеник и врз основа на таа поддршка којашто би ја добила идната Влада да можеме да ги спроведеме политиките што ги ветивме пред граѓаните. Се разбира, доколку не успееме, ВМРО-ДПМНЕ останува во опозиција и ќе се бори против сите погрешни политики кои би ги водело тоа парламентарно мнозинство“, рече Мицкоски.

 

 

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.08.2020 - 13:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега