Мицкоски: На СДСМ ѝ треба суштинска промена, Алтернатива има две опции за својата иднина

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека органите на СДСМ вечер на седниците на Централниот и Извршниот одбор  ќе одлучуваат како понатаму ќе функционира СДСМ, но нема да ги коментира нивните одлуки и состаноци затоа што, рече, тоа е нивна работа.

-Прво треба да се коригираат однатре, па потоа да најдат луѓе кои ќе испорачуваат работа затоа што на Македонија и е потребна квалитетна СДСМ, а не СДСМ која ќе биде посветена на лоповлук, измами, предавства, рече Мицкоски по посетата на ОУ „Александар Македонски“ во општина Аеродром.

По оставката на лидерот на партијата и премиер Зоран Заев не очекува промени во власта од, како што рече, „овие луѓе кои се таму во моментов“.

-Ако тие продолжат и натаму да менаџираат со политичката партија СДСМ не очекувам, бидејќи Зоран Заев ќе си замине, условно кажано заевизмот ќе остане. Претпоставувам се обидува да најде некој пион којшто ќе го продолжи неговиот лик и дело, и во Владата, и во СДСМ. Таму треба суштински да се сменат работите, но нема да навлегувам во дополнителни коментари и тие најдобро знаат како понатаму треба да функционираат. ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на испорака на она што им е ветено на граѓаните, рече Мицкоски.

Прашан што очекува од Алтернатива, одговори дека нема информации каков заклучок органите на партијата ќе донесат денеска на состанок на централното претседателство и дека не разговарал на таа тема со лидерот Африм Гаши.

-Алтернатива има две опции – да ја прифати понуда на Заев и да влезе во оваа влада, која ние ја оценуваме со најниска оценка и е можеби најлоша во 30 години независна Македонија,  или да остане во опозиција. Си имаат раководство, стратегија, тие одлучуваат за нивната иднина. Да ги почекаме одлуките на двете партии кои денеска имаат состаноци на највисокото раководство, па ќе ги коментираме, рече Мицкоски.

 

26.11.2021 - 14:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега