Мицкоски: Народот додека се моли за денар или два за килограм јаболка, Заев се вози во лимузина која чини колку 3 милиони килограми јаболка

„Нема да кажувам дека во Ресен првпат сум се заљубил, сум имал девојка првпат тука, тоа ќе ви го каже еден друг. Тој кој што вчера овдека се паркираше со најнова марка на патничко возило БМВ, од прилика пресметавме е еднакво колку 3 милиони килограми јаболка од прилика толку чини тоа возило“, истакна вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Ресен.

Мицкоски додаде дека поради таква ситуација тој сакал да говори за реалноста, нема да говорел дека е најдобро туку ќе зборувал онака како што сите граѓани ја доживуваат денешната тешка, мачна и сурова реалност во Ресен, во Македонија.

„Луѓето се демотивирани, деморализирани, полни со апатија за тоа што гледаат дека на власт е политичка елита која што не само што не знае каде тера туку никогаш ниту пак имала амбиција да го покаже вистинскиот пат кон иднината. Единствената нивна амбиција е што повеќе тендери да си доделат ним, на нивните пајташи, што повеќе пари од народот да украдат, што повеќе злоба и пакост да нанесат, што повеќе срам и понижување да му причинат на овој народ. На секој еден граѓанин, тука нема нација, тука нема ниту вера, ќе зборувам за тоа колку е во суштина се најлошо, а не се најдобро. И ќе ве потсетам дека Македонија е најкорумпираната држава во Европа, дека Македонија е држава која што ја водат најкорумпираните политичари во Европа, најкорумпираните обвинители, кои што сетете се на она Луј Витон куферче каде што се разделуваа милиони евра за да може да се влијае на судски одлуки. Со толку многу корупција и толку многу корумпирани луѓе во власта ние не можеме да мрднеме ниту милиметар напред“, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека додека народот се моли за денар или два за килограм јаболко, власта се вози во скапи лимузини кои што чинат ни повеќе ни помалку околу 2-3 милиони килограми јаболка. 

28.09.2021 - 21:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега