Мицкоски: Не може да е иднина Заев и Бучковски, едниот амнестиран, другиот осуден за криминал

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес конференција 100-те дена на владата ги оцени како најлошите 100 денa Влада во историјата на Македонија. Тој посочи дека со Заев се бележат само загуби и затоа потребно е Заев да си даде оставка за државата и народот да имаат иднина. Според Мицкоски, врвот на загубите, круната на загубите е последното Вето за ЕУ.

-Требаше да добиеме датум за преговори, но добивме вето. Вето кој не е само кочница за иднината, туку и израз на исклучителната неспособност на Владата, на Зоран Заев и неговата „домат“ меѓународна политика. После четири години лаги дека само што не сме почнале преговори денес е јасно дека имаме Влада која не може да испорача европска иднина. Ја лажеше јавноста дека ќе има европска иднина, се откажа од Македонија, и продолжи со скандалозното интервју на бугарскиот медиум да се откажува од идентитетот. Тоа и де факто не му успеа затоа што се случи народ. Овој пат народот и ние заедно со него, сите заедно, оние кои беа со нас на улиците, но и оние кои не поддржуваа во своите срца успеавме да ги откажеме од намерата да се откажат и да го распродадат македонскиот идентитет. Успеавме сите заедно, народот успеа да одбрани менување на менување на историјата, откажување од нашето право на антифашистичката борба, народот одбрани ретуширање на историјата и прикажување на фашистите за ослободители. Тоа е заслуга на народот. Но и доказ секогаш кога сме обединети и кога треба, народот се обединува и се исправа пред секој предизвик, истакна Мицкоски на прес конференцијата.

Оваа добиена битка, рече Мицкоски не значи дека засекогаш сме успеале, ова е само првиот чекор, до крајната цел има уште многу време. Треба да се соочиме со реалноста и да кажеме дека се додека Заев е премиер идентитетот е под закана, исто како и иднината на земјата. Се додека Заев е премиер Македонија ќе губи. Европската иднина е далечна зошто има криминал, лаги и премиер со концесии. Не може да е иднина Владо Бучковски или Зоран Заев, посочи Мицкоски, едниот осуден за криминал, другиот амнестиран за криминал.

-Овие четири години на загуби се затоа што изворот на тие загуби е на чело на државата, а тоа е Зоран Заев. Државниот врв по удирањето во ѕид не кажува која е алтернативата за земјата, еве јас ќе ви ја кажам. Треба Зоран Заев да падне, за да Македонија стане. Колку побргу сфатиме дека не смееме да дозволиме овој човек со кој само државата губи да биде на чело на Владата толку побргу ќе ја отстраниме заканата за иднината. Имаше четири години, четири години му подаривме од нашите животи,  да не дозволиме уште четири  да се коцка со нашите животи, а на крај за жал да загубиме се. Овој народ чека, чека и чека 30 години подобри времиња, а заглави со ужасот Заев. Затоа ние денеска му порачуваме. Доста беше. Доста беше загуби, рече Мицкоски.

По толку силни загуби, економија во рецесија, покачена цена на електична енергија, идентитет кој се тргува, пропадната банка, 1400 загубени животи поради корона и неспособно здравство за само 100 дена, вето за Европската унија. Владата го изгуби целиот кредибилитет, затоа мора Заев да си замине за да Македонија почне да оди напред, дециден е Мицкоски.

-И најголемите скептици знаат дека вака повеќе не оди. Ги потрошија сите адути, сите ветувања, а работите не се подобри,  државата за жал ја има се помалку. Подеднаква одговорност за се ова што се случува имаат парламентарните партии на власта. Не бидете соучесници на Владата која носи загуби. Одважете се и ставете се на страната на народот и продолжете да делувате и понатаму самостојно. Затоа ја актуелизирам повторно потребата од лидерска средба на која ќе разговараме за актуелната политичка, здравствена, образовна, економска ситуација во нашата Македонија. Веднаш лидерска средба за да можеме понатаму заеднички да ја градиме нашата Македонија, изјави Мицкоски на денешната прес конференција.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

09.12.2020 - 19:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега