Мицкоски: Никој не е толку наивен да верува во логиката на власта да мавтаат со една рака со знамињата на ЕУ и со другата ја крадат државата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Клан Директ“ која што се емитува на Клан Македонија, зборувајќи за темата која се обидуваат да ја наметнат луѓето кои се се уште во власта за руско влијание истакна дека партиите од власта со тоа мислат дека ќе добијат некој поен плус, но никој не е толку наивен да верува во логиката на власта да мавтаат со една рака со знамињата на ЕУ и со другата ја крадат државата.
 
„На тој начин тие се обидуваат да направат поларизација на која што ќе им се допаднат на некои центри на моќ коишто се надвор од Македонија, имајќи ја предвид агресијата која што ја направи руската држава кон Украина и имајќи ја предвид перцепцијата и мислењето во јавноста светска кон која што ние се стремиме, тука пред се мислам на Европската унија и САД и мислат дека на тој начин ќе добијат поен плус и дека додека крадат и додека ја уништуваат Македонија со едната рака со другата рака ќе мавтаат со знаменцата на ЕУ и САД. Мислам дека веќе не е никој толку наивен да паѓа на овие евтини естрадни трикови“, потенцираше Мицкоски.
 
Тој исто така додаде дека ваквата тема која власта сака да ја наметне е апстрактна бидејќи историски гледано руското влијание во Македонија можеби е најмало на Балканот, а граѓаните на Македонија ја гледаат нивната иднина во ЕУ и имаат направено најмногу од сите народи за да бидат дел од ЕУ.
 
„Тоа е обид на луѓето коишто се се уште во власта за дефокус на јавното мислење и тие мислат дека на тој начин ќе наметнат тема во јавноста и сега ние треба околу таа тема и периметарот на таа тема да дискутираме, да кажуваме кој е за Русија, кој е против Русија, кој е за ЕУ и кој е против ЕУ. Ниту едната, ниту другата тема се суштински теми. И едната и другата се апстрактни теми затоа што историски гледано руското влијание во Македонија можеби е најмало на Балканот, тоа е прво и второ историски гледано граѓаните во Македонија се едни од оние на Балканот којшто најмногу ја гледаат својата иднина во рамките на ЕУ“, истакна Мицкоски и додаде:

 „Граѓаните на Македонија направија можеби најмногу од сите народи во Источна Европа за да бидат дел од таа Европска Унија, а тоа што не сме таму, тоа е од сосема друга природа прашање. Најмногу поради оние непринципиелни блокади коишто ги имавме од нашите соседи, а потоа од криминалните политичари коишто досега ја водеа Македонија“.

 

13.03.2024 - 19:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега