Мицкоски: Пазарџискиот менталитет на Заев, ѝ ги отвори апетитите на Бугарија

Пазарџискиот менталитет на првиот човек на Владата, ѝ ги отвори апетитите на Бугарија, која во таквото блокирање го наоѓа својот интерес за внатрешната битка на тамошната политичка сцена. Македонските црвени линии се содржани во Резолуцијата изгласана во Собранието на Македонија и нема простор за попуштање на штета на националните интереси, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски одговарајќи на новинарско праша во интервју за „Нова Македонија“.

Мицкоски вели дека Македонија нема никаков простор за откажување од тоа дека сме Македонци, од македонскиот јазик, историја, идентитет.

„Во последните два-три дена ќе чујам воодушевување од власта, Владата, вицепремиерите, претседателот на државата дека го поздравувале новиот пристап на новата бугарска владата кон овој спорт. А што кажа премиерот Петков, кое власта го оценува за позитивен нов пристап? Дека ќе разговараат не само за историјата туку и за други полиња важни за спорот меѓу двете држави.
Во исто време, кога наредниот ден Владата во Бугарија и нивниот претседател на државата повторуваат дека остануваат на бугарската декларација, која ги оцртува максималистичките и, би рекол, асимилаторски бугарски барања кон нас“, изјави Мицкоски во своето интервју.

„Дополнително на ова ќе излезе и бугарски европратеник со изјава среде Европскиот парламент дека Македонија била втора бугарска држава, а притоа никој во македонската влада, македонското МНР, вицепремиерите, претседателот на државата нема да излезе и да го осуди таквиот негаторски однос. Притоа во јавниот етер останува само нивното воодушевување од, како што тие го нарекоа, новиот пристап на бугарската влада, кој всушност значи непроменети позиции. Тој пристап може ќе значи повеќе пари за некој авионски билет повеќе за средби на Бучковски и Османи, но нема да смени ништо суштински, зашто е јасно дека Бугарија останува на своите позиции.
Во тој контекст, Владата, оваа и секоја наредна, мора да води офанзивна и проактивна политика на заштита на нашите интереси. ВМРО-ДПМНЕ е за отворени односи со нашите соседи, но и за заемно почитување. Ако бараат почит, тогаш ќе мора да дадат почит. Впрочем, тоа е принципот на реципроцитет. Од друга страна, јасно е дека оваа влада повеќе не може да испорача квалитетни реформи што ќе гарантираат напредок на полето на интеграциите. Исто така се губат причините за седење во Владата и на Алтернатива и сите други партии на кои изговор им беше напредокот во полето на евроинтеграциите, кои, еве, гледаме дека не се случуваат. Затоа изборите се едно од одржливите и неопходни решенија. На државата ѝ се потребни нова енергија и нов елан“, дополни лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

22.12.2021 - 12:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега