Мицкоски со ултиматум до Филипче: Оставката достави ја до Собранието или ќе поднесеме предлог-одлука за разрешување

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му постави ултиматум на министерот за здравство Венко Филипче. Оставката да ја достави до Собранието, наместо до премиерот како што тоа го направи. Во спротивно пратеничката група на најголемата опозициска партија ќе достави предлог-одлука за разрешување.

-Даваме рок до вторник рано претпладне министерот за здравство и неговиот заменик да ги достават своите оставки до Собранието, како би можело тие да бидат констатирани на почетоко на веќе закажаната нова седница истиот ден. Доколку не бидат поднесени овие оставки пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ секако, со понудена соработка на другите пратенички групи, врз основа на член 184 став 1 од Деловникот ќе поднесе до Собранието предлог-одлука за разрешување на министерот за здравство и заменикот на министерот за здравство. Нема да поднесеме овој пат Интерпелација зашто не сакаме оваа Интерпелација да ја доживее судбината како изминатите интерпелации коишто беа поднесувани во минатото и никогаш повторно истите да не бидат точка на дневен ред и практично да ја преполнат фиоката на Талат Џафери. Нема повеќе простор и нема кај него место за криење на овие луѓе коишто се неспособни владини функционери, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.

Според него, оставките мора да бидат доставени до Собранието како орган кој ги избира министите.

- Предлог-одлуките за разрешување ќе бидат доставени во вторник пред одржување на веќе закажаната седница со барање да бидат ставени токму на дневен ред на истата. Штом премиерот Заев си подигрува со Собранието и не го доставува оставките до органот којшто е надлежен и органот што ги избрал министерот и неговиот заменик тогаш ќе одиме по оваа процедура. Мора да се обезбеди и гарантира независна истрага, рече Мицкоски.

 

12.09.2021 - 13:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега