Мицкоски: За да имаме успешна економија, мора реформирано, а не Луј Витон правосудство

По денешната средба со Македонско-Германската Комора, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговараше на новинарски прашања. Мицкоски говореше на повеќе теми, а даде осврт и на сегменти од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Во продолжение неговите одговори:

-Ние веќе имавме неколку состаноци со Стопанските комори во Македонија, со Стопанската комора на Македонија, со Сојузот на стопанските комори, пред некој ден имавме со Македонско-Турската стопанска комора, со МАСИТ, еве денеска сме со Македонско-Германската стопанска комора, и она кое што секаде го рефлектираме како позиција на ВМРО-ДПМНЕ е дека од суштинско значење ќе биде како идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведи и имплементира сет од мерки и политики кои што ќе значат практично партнерство и поттикнување на економскиот раст на државата. Тоа ќе биде суштински приоритет и приоритет на кој што ќе се темелат идните политики. Се разбира за да имаме успешна економија во Македонија, ние мораме да имаме успешно реформирано правосудство, а не вакво правосудство кое што од Сваровски прерасна во Луј Витон правосудство, за да можат инвеститорите, без разлика дали доаѓаат од надвор од Македонија или се домашни инвеститори да можат да се чувствуваат сигурни во сопствените инвестиции. Како трет , но не помалку важен столб се разбира она што цело време го повторуваме а тоа е вложување и само вложување во образованието и во кадарот, односно во човечкиот потенцијал кој што потоа ние како држава ќе го понудиме реалниот сектор односно на бизнис заедницата, ќе повторам без разлика дали е надвор од Македонија или е внатре во Македонија. Како што можевте да слушните и почитуваните инвеститори од Сојузна Република Германија се соочуваат со еден таков феномен односно јас би рекол апокалиптично сценарио каде што навистина високообразован и помалку образован квалификуван кадар ја напушта Македонија и со тоа практично тие остануваат без реална поддршка, која што нив ќе им овозможи раст на бизнисот, а ние како држава и како влада остануваме со помалку платени даноци, кои што потоа би можеле да ги инвестираме во другите сектори, меѓу кои како што кажа и домаќинот здравствениот сектор кој што ни се наоѓа на едно катастрофално ниво. Гледаме само како растат хациендите на министрите и плантажите со марихуана на премиерот и на неговото семејство, наместо да се зголемува бројот на реновирани операциони сали, реновирање на поликлиники, реновирани клиники, или изградба на нови болници. Еден податок само ќе ви кажам а тоа е дека повеќе од 5.000 доктори и медицински персонал последниве 5 години ја напуштиле Македонија. Ете тоа е политиката која што ние треба веднаш да ја спречиме и со нови политики и со нови мерки тие луѓе си ги вратиме назад. Најголемиот дел од тие луѓе заминаа во Сојузна Република Германија, а после тоа што ќе се случуваа на 1 март оваа година очекуваме да имаме дополнителен одлив на медицински персонал и медицински кадар,  дали е  приватно, секундарно или терцијално здравство небитно, да ја напушти Македонија и да мигрира таму.

Тоа се оние суштински работи коишто за жал остануваат недоречени и нерешени изминативе дваесет и девет години, некако се се ставало под тепих, но еве дојде денот кога тепихов се набабри и е пред експлозија. Затоа идната влада на ВМРО-ДПМНЕ мора да го залечи ова се, за да може потоа така залечено да го реши - кажа Мицкоски.

Тој кажа дека предизборно се мали шансите за колицирање со политичка партија од албанскиот блок, но, како што рече, постизборно подготвени се да разговараат.

„Во моментов, предизборно, мали се шансите да има таква партија. Ќе почекаме да се случи најголемата победа во независна Македонија, а потоа, се разбира доколку на политичка и проектна основа имаме какво било совпаѓање со кој било политички субјект, тука сме, подготвени сме да разговараме и да создадеме една коалиција“, рече Мицкоски.

Прашан како напредува предизборното коалицирање предводено од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека во тек се преговори со политичките парти коишто се заинтересирани да бидат дел од коалицијата, а во текот на следната недела ќе излезат со повеќе детали.

„Ги слушнавме ставот и барањата на оние коишто преговараат со нас. Ние нашите позиции ги презентиравме, па приближно на тоа се сведуваат дискусиите“, рече Мицкоски.

Во однос на коалицијата што денеска ја најавија СДСМ и Беса, Мицкоски кусо искоментира: „Среќно нека им е“.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.02.2020 - 15:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега