Мицкоски за партнерството со ЗНАМ: Разговорите се движат во позитивна насока
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека разговорите со владиниот партнер ЗНАМ за кандидати за градоначалници за Куманово и Општина Центар се движат во позитивна насока, но дека конечната одлука ќе биде донесена по 15 август.
- Преговараме со ЗНАМ во моментов за две општини - Куманово и Општина Центар да имаме заеднички кандидат. Разговорите се водат во позитивна насока, но повеќе информации ќе имаме по 15 август како што претходно кажав во една прилика затоа што сеуште траат анализите во општините каде имаме добри кандидати. Мораме после 15-20 август уште еднаш да измериме и во рамки на граѓаните и во рамки на партиската база за да дојдеме до најдоброто решение што ќе го понудиме, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на затворениот базен во училиштето „Невена Георгиева-Дуња“ во Кисела Вода.
За преговорите со другиот владин партнер ВРЕДИ, како што изјави, имаат принципиелен договор да се поддржуваат во општините каде едната или другата коалиција ќе има кандидат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа