Милановиќ се најде на црната листа на украинските националнисти поради неговата изјава

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ е на црната листа на украинската националистичка веб-страница „Миротворец“ поради, како што се наведува, дистрибуција на руска пропаганда и поддршка и оправдување на руската агресија врз Украина, потврди заменик портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Алексеј Зајцев.

Причината за вклучување на украинската црна листа беше изјавата на Милановиќ дека за Украина нема место во НАТО и дека ЕУ поттикнала државен удар во Украина, со кој во 2014 година беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович.

Покрај тоа, Милановиќ рече дека Хрватска нема да се меша во украинската криза на кој било начин, доколку таа ескалира и дека таму нема да има свои војници.

Украинското Министерство за надворешни работи пред два дена ја покани хрватската амбасадорка во Киев, Аница Џамиќ, да зборува за изјавите на Милановиќ кои позитивно одекнаа во Русија.

На списокот на украинската националистичка веб-страница „Миротворец“ се наоѓаат дури 187.000 имиња, меѓу кои и основачот на групата „Пинк Флојд“ Роџер Волтерс, кој пред три години изјави дека Русија има повеќе права на Крим отколку Украина.

Базата на податоци е формирана во 2014 година по средбата меѓу украинскиот политичар Георги Тука и поранешен член на украинската државна разузнавачка служба, познат под псевдонимот „Роман Зајцев“.

Покрај руските разузнавачи, на списокот се наоѓа и белоруската писателка, нобеловката Светлана Алексиевич, која рече дека некои етнички Украинци им помогнале на нацистите да ги прогонуваат Евреите.

На списокот има и 500 украински јавни службеници, етнички Унгарци, кои добиле унгарски пасоши, а причината е што Украина забранува двојно државјанство, а „Миротворец“ таквиот чин го смета за предавнички.

Објавени се податоците на околу 4.500 новинари, западни, украински и руски, кои имаа акредитации од властите во Донбас, што беше услов за да можат да работат во таа област, а многу од нив подоцна добија и закани.

Неколку луѓе беа убиени откако нивните имиња и адреси се појавија во базата на податоци „Миротворец“.

Амбасадорите на ОН, Г7 и ЕУ и групите за човекови права повеќепати бараа отстранување на оваа страница.

 
28.01.2022 - 17:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега