Милевски пред дуелите со Италија и Малта: Мораме да функционираме како тим

Предводникот на македонскиот национален фудбалски тим Благоја Милевски денеска на прес – конференција во Скопје ги изнесе своите очекувања од претстојните евроквалификациски дуели против Италија и Малта, изразувајќи надеж за позитивни резултати и покрај проблемите околу составот.

- Сакаме да покажеме дека Македонија е конкурентна и покрај проблемите со кои се соочуваме. Ќе го дадеме максимумот, момците ќе бидат подготвени за предизвикот и мислам дека атмосферата во националниот тим ќе биде добра и позитивна. Без разлика на резултатите, Македонија заслужува поддршка од трибините и се надевам дека стадионот ќе биде исполнет до последното место, изјави Милевски.

Селекторот објави дека од првичниот список поради повреди отпаѓаат Марјан Радески, Дарко Чурлинов и Ваљон Етеми.

Милевски нагласи дека треба сите комплетно да ја согледаат реалната слика на македонскиот фудбал, додавајќи оти „црвено – жолтиот“ тим не е фудбалска велесила, а високиот пораз од Англија треба да послужи како отрезнување.

- Македонија може да биде добра само ако функционира како тим и наша должност е сите да се ставиме во функција на тимот, само така може да се надеваме на успешни настапи. Факт е дека постојано, освен со Португалија, секогаш ни недостасувале витални играчи, но ростерот е тој, изборот е тој, тоа е реалноста. Не сме фудбалска велесила. Тоа што ни се случи со Англија е можеби и добро, за да се спуштиме на земја и да почнеме од долу, да градиме тимски дух и тим, додаде Милевски.

Македонските фудбалери на 9 септември во Скопје ја пречекуваат Италија, а три денови подоцна гостуваат во Малта во рамки на квалификациската група Ц за пласман на ЕУРО2024. 

30.08.2023 - 15:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега