Милошоски: Не може ароганцијата на Царовска да биде поважна од аргументите на родителите
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска изјави дека самиот закон за учебници и друг наставен материјал е донесен на нетранспарентен начин, како и дека доколку се сака да се прифати самиот закон потребна е поширока дебата.
Тој ги коментираше најавените протести на родителите, со поддршка и од средношколската унија и средношколскиот глас против, како што рече, лошите реформи во образованието.
„Ние гледаме две страни. Едната страна е министерката Царовска која што промовира ароганција во овој предлог закон, а другата страна се родителите и учениците кои предлагаат аргументи. Сакаме да порачаме дека е време во законските решенија кои што се однесуваат на учениците, да им се даде можност на родителите да ги изложат своите аргументи и истите да бидат вградени во законот. Не може ароганцијата на министерката да биде поважна од аргументите на родителите“, посочи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој изрази надеж дека родителите ќе бидат сослушани и дека на крајот нивните аргументи ќе бидат вградени во било кое идно законско решение што се однесува на сите ученици.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа