Милошоски: Резолуцијата за црвените линии треба да биде обврска за секоја следна влада

 

Резолуцијата се црвените линии во односите со соседна Бугарија и таа треба што поскоро да се стави на дневен ред во Собранието и во иднина да биде обврска за секоја следна влада, истакна пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски

Милошоски, во денешното гостување на дневникот на „Сител“ телевизија, наведе дека од СДСМ пред една недела велеле дека резолуцијата е хир на ВМРО-ДПМНЕ, потоа, како што рече, кога видоа дека во јавноста има добар одек го сменија ставот и рекоа дека ќе ја подржат таква каква што е, за вчера да слушнеме дека на Заев не му пречи содржината туку му пречи формата.

– Ќе кажам едно. Оваа резолуција не се однесува на Грција, не се однесува на Преспанскиот договор. Резолуцијата се однесува на спорот со Бугарија. Нешто што граѓаните во Македонија ги обедини околу црвените линии. Дека не треба да се преговара за идентитетот, за јазикот, за толкувањето на историјата, истакна Милошоски.

Претеникот од ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека од друга страна, предлог-резолуцијата не е на ВМРО-ДПМНЕ по содржина, туку е еден сублимат на еден научен и дипломатски труд на МАНУ и на УКИМ.

Според Милошоски, содржината на резолуцијата е сериозна и натпартиска и добро е да биде поддржана од сите, апелирајќи до СДСМ да се сконцентрираат сите на нејзината содржина и побрзо да биде ставена на дневен ред во Собранието.

-Ние како ВМРО-ДПМНЕ сакаме Резолуцијата да биде црвената линија на Република Македонија на нашиот национален и етно-културен идентитет, што ќе биде обврска за секој идна влада да нема пазарџиска дипломатија со Бугарија, изјави Милошоски.

14.07.2021 - 21:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа