Минатата година во земјава 25 лица загинале на работните места

По повод 28 Април – Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, кој се одбележа вчера, македонското Здружение за заштита при работа (МЗЗПР) го презентираше Годишниот извештај за несреќи при работа за 2020 година.

Според направените анализи, минатата година се случиле 152 несреќи при работа. Од нив 25 биле фатални.

Според извештајот, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 3,14 односно на секои 100.000 вработени, загинуваат 3 до 4 лица.

Стапката на смртни случаи при работа е речиси иста како во 2019 година, кога изнесувала 3,13.

Споредено по градови, најголем број несреќи и смртни случаи на работни места во 2020 година се случиле во Скопје, по што следат Куманово и Кавадарци. Според дејности, минатата година најмногу несреќи имало во преработувачката индустрија и градежништвото, по што следи јавната управа и одбрана.

Добиените податоци за 2020 година укажуваат дека најголем број несреќи се случиле кај лица на возраст помеѓу 45-54 години. Исто така, најголем број на несреќи со фатален исход има во оваа категорија на возраст. Според пол, сите починати се мажи.

Гледано по месеци, декември бил месецот кога се случиле најголем број на смртни случаи на работните места. Во летните месеци на 2020 година во споредба со претходната години има зголемување на бројот на повреди, како и на бројот на смртни случаи на работните места.

Еден од главните предизвици нотиран и во овој извештај на МЗЗПР останува потребата од поттикнување на сите кои учествуваат во процесот на водење евиденција, прибирање и обработка на релевантни информации, да почнат да си ја работат нивната работа и да вложат максимален напор кон добивање на усогласени податоци за реалната состојба во областа на безбедноста и здравјето при работа.

„Kрајно време е на професионалците во струката да им се даде клучниот збор, наместо како секогаш досега на темата БЗР да се одлучува со политикантски пристап и од страна на партиските вработени во дел од институциите“, истакна Милан Петковски, претседател на МЗЗПР при презентацијата на извештајот.

Во спомен и слава на 25 загинати лица на своите работни места во 2020 година, МЗЗПР засади и 25 нови дрвца.

Истовремено, Здружението ја реафирмираше својата иницијатива покрената во 2018 година за целосна реализација на проектот за создавање на најмалиот парк на светот.

Меѓународната организација на трудот од 2003 година го назначи 28 април за Светски ден за безбедност и здравје при работа, со цел глобално спречување на повреди и професионални заболувања на работното место.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.04.2021 - 10:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа