Министерство за енергетика: Со Законот за енергетика се поставуваат темелите на новата енергетска политика на земјата

 

Министерството за енергетика попладнево го поздрави донесувањето на Законот за енергетика од страна на македонското Собрание. 

Од ресорното Министерство нагласуваат дека донесен е системски, сеопфатен  и реформски закон со кој се поставуваат темелите на новата енергетска политика на земјата. 

- Со ова, Македонија конечно добива јасна, модерна и европски усогласена законска рамка за развој на енергетиката, велат од Министерството.

Додаваат дека Законот е подготвуван во широк, инклузивен процес кој опфатил институции, експерти, бизнис сектор, оператори, регулаторот и други заинтересирани страни.

- Преку 61 амандман во редовна законодавна постапка, се доби решение кое го унапредува квалитетот, прецизноста и применливоста на законот. Новиот Закон за енергетика е компатибилен со Реформската агенда за Западен Балкан и европските директиви, а содржи неколку клучни столбови: значајно зголемување на уделот на обновливи извори во финалната потрошувачка, поголема енергетска ефикасност и намалување на загубите, отворен енергетски пазар во кој граѓаните стануваат активни чинители – производители, продавачи, членови на енергетски заедници. Особено внимание е посветено на социјалната правда – законските решенија вклучуваат заштита на ранливите категории, поддршка за енергетска сиромаштија и фер пристап до енергија за сите, велат од Министерството за енергетика.

Законот, според Министерството, нуди стабилна, транспарентна и предвидлива рамка за домашни и странски инвеститори и ги јакне капацитетите на регулаторот и операторите, создавајќи услови за поголема интеграција со регионалните и европските енергетски мрежи.

- Енергијата не е само моторот на економијата, таа е основа за квалитетен живот. Со овој закон ја отвораме вратата за една енергетски суверена, зелена и европска Македонија, истакнува министерката за енергетика Сања Божиновска.

Од Министерството најавуваат дека ќе се продолжи со имплементација на законот со фокус на резултати што директно ќе се почувствуваат од страна на граѓаните и стопанството. 

Законот беше изгласан попладнево во рамки на 48-та пленарна седница со 62 гласа „за“.

14.05.2025 - 19:28

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега