Министерството за дигитална трансформација ќе креира веб-станици за општините

 

На денешниот настан, Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“ свое обраќање на панел-дискусијата – меѓународна соработка за развиени општини, имаше министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски кој истакна дека се реализираат многу проекти, а едниот од нив е развивање на темплејти за веб страници на општините, особено за помалите и проектот за Документ менаџмент систем.

„Уште еден проект кој го реализираме како министерство, јавниот повик ќе биде распишан многу скоро, особено за помалите општини е важен, тоа се темплејти за веб страници на општините, коишто ние бесплатно ги развиваме за нив, ги полниме, ги мигрираме податоците, им ги ставаме на располагање и една година ги одржуваме, а потоа за многу малку средства секоја од нив може да ги одржува на долг рок“, вели Андоновски.

Министерот Андоновски го истакна проектот Документ менаџмент систем и наведе дека се планира до 2028 година да има унифициран Национален документ менаџмент систем кој ќе овозможи целосна дигитализација на внатрешното работење на општините и полесно вмрежување меѓу општините и институциите.

„Проект којшто е многу значаен и конечно добива свое отелотворување, познато е дека Министерството за дигитална трансформација има свој „Документ менаџмент систем“ за жал изминативе шест година приклучена била само една општина, тоа е Куманово, планираме да се фокусираме со Документ менаџмент системот и на општините но и на голем број на институции, наша обврска од реформската агенда до 2028 е да имаме еден унифициран Национален документ менаџмент систем и планот ни е на сите да им го понудиме, тоа ќе значи целосна дигитализација на внатрешното работење на општините, да го сфатиме како еден дигитален „водовод“ на општината и ќе значи многу полесна подостапна администрација за граѓаните, затоа што секој предмет што ќе влезе во општината, секој граѓанин ќе може да ја следи неговата патека, а и вмрежувањето меѓу општините и институциите ќе биде многу подобрено преку овој проект“, рече Андоновски.

24.08.2025 - 13:38

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега