Митева: АД ЕСМ продава струја пониска од берзанската, заработката на трговецот е 60% и тоа во услови на криза

„Додека граѓаните плаќаат и до 50% поскапа струја, а фирмите имаат сметки и до 4 пати повисоки во однос на лани, АД ЕЛЕМ продава струја по двојно пониска цена од берзанската на трговци, кои потоа ја продаваат по берзанска цена и прават огромни профити на сметка на народот.Имено во периодот од 30 август до 6 септември АД ЕЛЕМ распишува оглас за продажба на ноќни вишоци на струја во вкупна количина од 2000 MW/h. Во истиот период Албанската државна енергетска компанија КЕШ исто така распишува оглас за набавка на струја за период од 29 август до 4 септември по сличен профил како тој на АД ЕЛЕМ од 2100 MW/h“, Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
 
Митева вели дека фирмата која што се јавува како купувач на струјата од АД ЕЛЕМ е ЕТМТ Енерџи, сопственост на ЕНЕРТЕЈД Албанија, на Артур Мицкај, човек од партијата на Еди Рама.
 
„Имено оваа фирма ја купува струјата по цена од 337 евра по MW/h од АД ЕЛЕМ, а ја продава по цена од 525,55 евра за MW/h на албанската државна енергетска компанија КЕШ. Разликата во цена, односно заработката што ја прави оваа фирма само од оваа зделка од 6 дена изнесува 10.800.000 денари. Струјата од 337 евра по мегават час можела да биде продадена на домашното стопанство, кое сега плаќа и повеќе од 2 пати повисока цена, или да биде продадена поскапо, а не двојно пониско од берза. Манипулативни се изјавите на челниците од власта, кои тврдат дека струјата во ноќните часови е двојно поевтина од таа во часовите во текот на денот. Ако е така зошто албанската КЕШ ја купила истата струја од трговци по цена од 525,55 евра за мегават час? Заработката која трговецот ја ставил е 60%, и тоа во услови на криза“, кажа таа.
Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ вели дека доколку дуото Ковачевски не ја водеше енергетиката и не ја водеше државата овие пари ќе завршеа кај граѓаните или во АД ЕЛЕМ, но сега завршуваат на сметките на приватни трговци.
 
„Односот на дуото Ковачевски со енергетскиот сектор во ек на криза покажува дека не им е важна државата, ниту граѓаните, спремни се народот да тоне во сиромаштија, а тие да обезбедуваат дебели профити за приватни џебови. Ако сега се однесуваат вака, како ќе се однесуваат во екот на зимата кога цените на струјата се очекува да рушат нови рекорди? Кој е планот на дуото Ковачевски, и како Македонија ќе ја преброди зимата? Да беа барем малку одговорни, одамна ќе си поднесеа оставка“, вели Митева.
05.09.2022 - 12:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега