Митева: ЕК нотира распространета корупција, законите не се применуваат и се само мртво слово на хартија

Генералната оценка на ЕК е дека реформите напредуваат умерено. Добиваме средна оценка за вкупната подготвеност. За многу кратко време ние сепак од СДСМ ќе слушнеме дека БЛЕСКАМЕ. Во резимето на извештајот во врска со политичките критериуми, на страна број 4, ЕК потенцира дека опозицијата остана ангажирана во парламентот и ги поддржа клучните прашања од заеднички национален интерес, како што се реформите поврзани со ЕУ и процесот на интеграција во НАТО. Сведоци сме дека СДСМ секојдневно се обидуваа да го претстават ВМРО-ДПМНЕ како неконструктивно, но уште една нивна невистина е разобличена, изјави денеска за медиумите, Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

Најголеми критики и натаму има за борбата против корупцијата, контролата на полицијата, состојбата во јавната администрација, како и за борбата против дискриминација. Што се однесува до борбата против корупцијата, Република Македонија има одредено ниво на подготвеност/умерено подготвена. Нагласуваат, корупцијата е распространета во многу области, потребен е поактивен пристап од сите чинители кои се занимаваат со спречување и борба против корупција. Дали можеби ќе ја избегневме ваквата оценка доколку немавме премиер кој раководеше со телото за реформи во правосудството, дали доколку немавме незаконски поделени 4,6 милиони евра за бонуси во СЈО?, истакнува таа.

Констатираат дека се уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акционен план на судската реформа. Ова го потврдува и начелото дека Законите се само мртво слово на хартија, без никаква суштинска реформа. Во иста насока, за ЕК предизвикува загриженост и треба да се ограничи зголемувањето на употребата на брзи постапки при донесување на законите во Собранието. Европското знаменце и брзите постапки беа злоупотребувани од мнозинството на власт во десетици наврати. Комисијата го посочува токму она што ВМРО-ДПМНЕ постојано го потенцираше. Еден ден пред распуштањето Собранието усвоило значајни измени на Изборниот закон, а со брзината на постапката спречило суштински консултации и учество на јавноста. Залудно, податоците говорат дека и во моментов до Собранието се доставени вкупно 130 Закони и повторно дел од нив се по скратена постапка, вели Митева.

ЕК бара да се унапредат и професионалните стандарди и квалитетот на новинарството, да се зголеми транспарентноста во делот на државното, јавното и партиското рекламирање во медиумите.
Од друга страна, слабо напредуваме во областа на животната средина, која исто така треба да се сфати сериозно како една од областите кои бараат најдолгорочни и најголеми инвестиции. Во повеќето поглавја, Комисијата ја потенцира потребата за унапредување на административните капацитети кои се клучни за напредокот на преговорите. Не загрижуваат оценките за слабиот технички капацитет кој го имаме за координација на пристапниот процес како и капацитет за координација на средствата од Европската Унија.
Нотирано е дека Република Македонија не е солидно подготвена во финансиската контрола. Нагласуваат дека препораките за внатрешната контрола и ефективното следење на препораките од надворешната ревизија допрва треба да се следат. Навистина загрижува и фактот што спроведувањето на јавните капитални трошоци остана значително мало и велат, стабилизацијата на јавниот долг сè уште не е обезбедена. Напротив, јавниот долг како критериум за пристапување кон ЕУ од Мастрихт надминува 60%.
Остануваат многу други проблеми кои не се нотирани во Извештајот, но за кои редовно ќе информираме, ќе потсетуваме и ќе повторуваме. Будно и активно ќе го следиме секој момент во кој власта ќе посака да отстапи од било која препорака од овој Извештај. Она што е потребно да го извадиме како заклучок е дека приоритет на ЕК во наредната година ќе биде ставен на способноста за градење на административниот капацитет и ефективната имплементација на законите во пракса. Почитувани претставници на власта,
Заменете ги Вашите приоритети на нечесно работење со приоритетот кој го нагласува ЕК, заклучува таа.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.10.2020 - 15:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега