МНР ќе ги истражува наводите дека наместо дипломатска пошта во камиони се носеле цигари и пијалаци

Министерството за надворешни работи издали насока на службите да ја прегледаат целата документација, да ги проверат сите информации од страна на дипломатско конзуларните претставништва со цел откривање на фактичката состојба откако вчера МКД.МК објави дека наместо дипломатска пошта во камиони се носеле цигари и пијалаци.

-Според првичните информации добиени во изминативе два дена, не е најдена никаква трага во Министерството, за евентуална пратка која би можела да биде основа за злоупотреба. Дополнително, дадена е насока и во рамките на нашите дипломатско конзуларните претставништва за проверка на сите добиени информации за евентуални случаи со приведени наши граѓани, кои би можеле да бидат слични со пласираните наводи. Засега и од нашите претставништва не е добиена информација за евентуален сличен случај, кој би можел да соодветствува со наводите. Иако нема потврда за постоење на ваков случај, министерството има политика на нулта толеранција за злоупотреба или евентуално фалсификување на дипломатски документи или документи на институцијата, и оттука,  Министерството за надворешни работи во следниот период ќе продолжи со темелни проверки на појавените наводи и за тоа соодветно ќе ја информира јавност, велат од МНР.

Порталот МКД.МК вчера објави дека камион управуван од возач со македонски пасош бил запрен на влез во Италија од Словенија и при проверката било утврдено дека се шверцуваат цигари и алкохолни пијалаци.

Повикувајќи се на свои извори, порталот МКД.МК објави дека возачот покажал документи кои потврдувале дека се превезува дипломатска пошта, но бидејќи нешто не се совпаѓало во документацијата бил активиран граничен скенер, а потоа бил извршен и претрес.

-Наместо дипломатска пошта (која може да значи од вистинска пошта и документи, па сѐ до опрема и мебел за амбасади, конзулати и станови на дипломати во странство или средства и опрема за реновирање), големо количество цигари и алкохолни пијалаци биле „покриени“ со дипломатски печати, пломби и документи. Според нашите извори, камионот тргнал од Скопје, а со акцизната стока бил натоварен во Србија. Преку Хрватска и Словенија стасал во Италија. Таму сомнежот дека не се работи само за дипломатска пошта паднал кога скенерот прикажал многу шишиња, несоодветно количество за една дипломатска пратка. Возачот е во притвор, а случајот таму се истражува. Македонското МНР бездруго е известено по дипломатски пат од италијанските власти, пишува МКД.МК, додавајќи дека сличен инцидент имало и летово исто така во Италија, но овој пат во контејнер на пристаништето Бриндизи со крајна дестинација во Франција.

 

23.10.2021 - 12:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега