Морачанин: Поддржуваме една изборна единица без праг, но отворени сме за дебата

Нашето барање е воведувањето на една изборна единица да биде без праг, но секако Собранието е место за дебата, каде треба да разговараме и за тие аргументи. Ние моментално не знаеме кои се аргументите на другите партии, дали се за или против и сметам дека навистина е време да се отвори дебата за тоа, рече пратеничката и претседателка на ДОМ, Маја Морачанин, во гостувањето во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.

Морачанин вели дека секоја земја посебно одлучува дали ќе се води по природниот праг кој сам се создава во услови на една изборна единица, или, пак, однапред ќе се одреди колкав ќе биде тој, но повторно кажа дека иако ставот на ДОМ е да се оди на една изборна единица без праг, тие се подготвени да дебатираат.

На забелешката дека во соседството, во Србија постои изборен модел со една изборна единица, но прагот е 5%, а во Косово и Црна Гора, каде исто така има една изборна единица, прагот е 3%, лидерката на ДОМ коментираше:

„На пример, во Холандија нема изборен праг, односно постои тој природен праг за кој зборуваме. Имаме различни модели, тоа не е усогласено и во ЕУ секоја држава си има различен изборен модел. Но, може да се споменат сите тие искуства, но и во земји, како на пример Србија, каде прагот е висок, веќе постои дебата, бидејќи и таму увиделе дека тој оневозможува избраниците на граѓаните да влезат во парламентот. Тие дебати се отвораат и во други држави, не е само Македонија случај“, изјави Морачанин, додадавајќи дека е неопходно да се дебатира во Собранието, преку аргументирана јавна расправа која ќе донесе најдобро решение за сите партии, а не само за четирите најголеми.

Природниот праг за кој зборува Морачанин е минималниот број гласови што треба да ги освои една партија за да влезе со пратеник во Собранието. Во случај на една изборна едница и на излезност како на последните избори во 2020 г. од околу 944 000 гласачи, природниот праг би бил околу 7 800. Кога, пак, прагот би изнесувал 3%, за одредена партија или коалиција да се квалификува за распределба на мандатите, би требало да освои најмалку три отсто од 944 000 гласови или околу 28 300.

Симулацијата на резултатите од последните парламентарни избори во 2020 година, во случај државата да биде една изборна единица без праг, покажува дека четирите големи блока околу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса/Алтернатива би завршиле со по еден пратеник помалку: коалицијата на СДСМ наместо 46 би имала 45 пратеника, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ би освоила 43 наместо 45 мандати, ДУИ би имала 14, не 15,а Алијанса/Алтернатива би добиле 11 наместо 12 пратенички места. ДПА би остана на своето едно пратеничко место. Но, Левица, наместо двајца би освоила петмина пратеница, а едно столче во Собранието би имала и Интегра.

21.01.2022 - 23:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега