Можнa ли е нова широка Влада?

Премиерот Зоран Заев вчера ја отвори можноста за формирање заедничка влада со опозицијата, и притоа како дел од причините ги наведе надминувањето на поделеноста во општеството, департизација на администрацијата, чистење на правосудството од клиентелизмот…За ова, рече, очекува поддршка и од сите органи и тела на партијата, но и од коалициските партнери во власта.

Опозицијата овој чин го гледа како несигурност на Заев во парламентарното мнозинство, но најавија дека прифаќаат да се разгледува експертска влада, ако ја предводи непартиска личност, до предвремени парламентарни избори што би се одржале со локалните. За ВМРО-ДПМНЕ барањето на Заев е само обид тој да спаси од одговорност. -Ако неговиот предлог е бегство од одговорност, тогаш треба да знае дека пактови со криминалци ВМРО-ДПМНЕ не прави и нема да има, велат од партијата.

Од коалицискиот партнер на СДСМ – ДУИ велат дека опозицијата треба да биде коректив на власта и секоја една демократска земја мора и треба да има опозиција.

-Нудиме соработка од секој можен аспект. Сè што треба да направиме, да направиме, но дефинитивно мора да имате човек од другата страна, за да разговарате. Првпат го кажувам ова, сакам да отворам дебата за заедничка власт на Влада со опозицијата.  Ама да има човек со кого може да се разговара, со господинот Мицковски не се разговара. Или, ако кај нив има разумен човек, а кај нас нема нека го тргнат и Заев само двете партии да можат да разговараат. Мораме да го здружиме нашиот народ, зашто тоа ни е потребно, го знаат и тие, а го знам и јас – премногу ни е поделен народот, изјави вчера Заев во интервју за Слободен печат.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека овој став на Заев доаѓа од неговата несигурност во парламентарното мнозинство и стравот дека Владата може да падне.

-Ова мнозинство е неефикасно, а ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да разговара за експертска влада што ќе организира локални и предвремени парламентарни избори, изјави вчера во Охрид Антонијо Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието.

Вчера попладнето се огласи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој во моментот е заболен од Ковид-19.

-Денеска ги видовме со сета своја немоќ како на отворена сцена се обидуваат византиски убедени од своите лакеи (поранешни високи функционери на опозицијата) како се препелкаат нудејќи поделба на власта ама јас да не сум бил дел од неа бидејќи со мене немало договор, не сум бил добар соговорник. И тука да прв пат се согласувам со Зоран Заев, јас немам концесија и не должам никому ништо, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил по изјавата на премиерот Зоран Заев дека сака да отвори дебата за заедничка власт на Владата со опозицијата.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети вчера во тетовско Доброште изјави дека нема дијалози за создавање на, како што рече, некое партнерство за коалиција. 

–Мислам дека овие се некои настани кои произлегуват од дневна политика, нема нешто за истакнување, нема некои дијалози или слично за создавање некое партнерство за коалиција. Опозицијата како и секогаш има цел да ги кажат нивните забелешки бидејќи улогата на опозиција секаде е иста, да ја унапредат демократијата и да бидат дел од еден важен процес и нивна задача е да дадат несогласување со парламентарното мнозинството, рече Ахмети одговорајќи на новинарско прашање за изјавата на премиерот Зоран Заев за заедничка власт и Влада со опозицијата.

 

Според него, работите меѓу владините партнери одат добро.

 

 
 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.03.2021 - 10:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа