Муцунски: ДУИ нема кадровска понуда

Актуелното раководство на ДУИ е синоним за криминал и корупција веќе подолги години наназад и актуелното раководство на ДУИ не треба да има  никаква позиција  во било која идна влада која што би се формирала. И затоа, добро е и во интерес на ДУИ како партија, бидејќи таа партија не е 5, 10, 15 луѓе кои што раководат со нејзе туку има и цела структура, голем дел од нив кој што се веројатно чесни и одговорни луѓе си ја сакаат оваа држава, сакаат оваа држава да успее и за тие чесни членови на ДУИ, добро е нивната партија да замине во опозиција, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во денешното гостување во централниот дневник на Алсат М телевизија.

Муцунски додаде дека кова ВМРО-ДПМНЕ вели дека местото на ДУИ е во опозиција, со тоа искрено и на ДУИ му мисли добро како политички субјект кој што потоа ќе има можност да се реформира и можеби еден ден повторно да биде дел од власта.

„Ние не се занимаваме со ДУИ, но се занимаваме со  темата на корупција која што на сите анкети за јавно мислење, посебно кај тие над 70% од граѓаните кои што велат дека се апсолутно разочарани од начинот во кој што се движи државата, огромно мнозинство од тие велат, најголем проблем во Македонија, покрај економската состојба е состојбата со криминалот и корупцијата. И кога ДУИ ви е  апсолутен извор  на тој криминал и на таа корупција, нормално е да се каже дека на таа партија, во овој момент, и на тие луѓе во овој момент местото не им е  во идна влада која што ќе треба, меѓу другото, реформски да се зафати токму со решавање на предизвикот во државата во овој момент“, рече Муцунски.

Истакна длабоко убедување, дека нема да има коалиција со ДУИ после изборите, затоа што тоа што го гледа и на терен и на анкетите на јавното мислење, убеден е дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со субјектите кои што ја сочинуваат албанската опозиција, ќе има можност да ја формира следната влада и дури и на самата ноќ на изборите ќе имаме заеднички повеќе од  61 пратеник.

Додаде дека позицијата на ВМРО-ДПМНЕ ноќта на парламентарните избори ќе биде доста комотна и, практично, ќе бидеме во ситуација да  имаме избор врз основа на принципи и добра кадровска понуда кој ќе биде дел од заедничката идна влада.

Муцунски додаде дека ДУИ немаат кадровски потенцијал кој што можат да го понудат на овој изборен циклус и тоа се гледа од листите за пратеници каде што високи позиции, некаде, како во петтата изборна единица, дури и носители на листите се лица како Зијадин Села и Мендух Тачи, кои немаат допирна точка си ДУИ.

„Во изборна едница еден носител на ДУИ е личност кој што не е од најголема општина од каде што се очекува да црпи гласови, што значи ДУИ се има откажано од Чаир, во изборна едница шест, фронтмен од Тетово на ДУИ е Мендух Тачи, човек кој што не е  ни од ДУИ. Во изборна единица пет, фронтмен  на коалицијата на  ДУИ е Зијадин Села. Значи, ДУИ нема кардовска понуда во моментов за да привлече гласови ниту во Тетово, ниту во  Чаир, ниту во Струга. Тоа кажува дека се работи за партија која што има сериозни внатрешни предизвици и гласачите гласаат врз основа на кадровска понуда и гласачите гласаат врз основа на  програмска определба. По тоа што го гледам, атмосферата која што се создава од ДУИ ниту се гледа програма, ниту се гледа добра кадровска понуда и следствено на тоа логично е ние да бараме компатибилен партнер кој што гледаме дека има солидна кадровска понуда, со кој што програмски би можеле да се совпаднеме во делот на формирање на идна влада и тоа е нешто што е сосема нормално и сосема очекувано во делот на предизборната кампања“, рече Муцунски.

Муцунски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ во моментот е фокусирано  во отворање на актуелните теми, нудење на решенија за главните теми и нудење на најдобрата возможна кадровска понуда.

02.04.2024 - 20:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега