Муцунски: Кон Преспанскиот договор ќе се однесуваме согласно резултатите од референдумот

Право на секоја држава е да одлучува како ќе ги заштити своите стратешки интереси, изјави денеска меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, по повод одлуката на американскиот претседател Џо Бајден, со која на црната листа на САД ќе се најдат сите кои, меѓу другото, го поткопуваат Преспанскиот договор со Грција.

„ВМРО-ДПМНЕ пред сѐ ја признава волјата на граѓаните и тоа што народот неколку пати го има кажано“, рече Муцунски, прашан дали може да се каже дека ВМРО-ДПМНЕ го признава Преспанскиот договор и дали, во спротивно, очекуваат да се најдат на црната листа на САД, согласно Извршната наредба што ја потпиша Бајден.

„Ние ќе дејствуваме во насока на тоа што е стратешки интерес на македонските граѓани и ќе го насочиме нашето дејствување согласно народната волја веќе определена на референдум којшто се одржа во 2018-тата година.

Интерес на нашата политичка партија, и ние на тоа работиме, беше членство во НАТО со заштита на македонските национални интереси, е членство во ЕУ со заштита на македонските национални интереси. И веруваме дека тоа може да биде остварено“, рече Муцунски.

Според него, суштинското прашање, и во контекст на одлуката на Бајден, е корупцијата.

„Суштинското прашање е дека приматот за развој на Република Македонија, во насока на тоа што го кажуваат и нашите стратешки партнери од САД, треба да биде во делот на борбата против корупцијата. Какви и предуслови да создавате во надворешната политика, вие доколку немате реформирано правосудство, доколку немате јавен сектор кој работи во интерес на граѓаните и имате корупција од најниско до највисоко ниво, вие не можете да ги остварите вашите стратешки цели бидејќи вие сте некредибилен партнер. Ако ја погледнете поставеноста на САД во делот на санкциите коишто ги даваат за поединци, само во нашиот регион, да не одиме пошироко, примарно се санкции насочени кон тие за коишто има сериозно сомнение дека вршат сериозни коруптивни активности“, додаде Муцунски, фокусирајќи се на делот од Извршната наредба кој истите санкции ги предвидува и за корупција во било кој ешалон на било која влада на Западен Балкан.

Прашан повторно за црната листа, Муцунски избегна директен одговор:

„Видете, тоа е легитимно прашање коешто треба да го поставите до Владата на САД. Многу некоректно е од моја страна, како активен политичар во македонското Собрание, да шпекулирам за одлука на Владата на Соединетите Американски Држави“, рече меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

09.06.2021 - 22:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега