Мургашанска: Димитриевски ме тужи затоа што јавно го обелоденив неговиот криминал
Откога му ги откривме сите скандали на Максим Димитриевски, откога јавно проговоривме за сите сомнежи за коруптивни шеми со парцели и станови, за криминал и лично богатење, градоначалникот на Куманово сака да нѐ замолчи, изјави Анита Мургашанска, советничка во Советот на Град Скопје од СДСМ.
Наместо да даде одговори и отчет пред граѓаните, наместо да одговара, додаде таа, Максим Димитриевски поднел тужба дека бил навреден и наклеветен.
„Но, замислете, тужбата е за мои говори во Советот на Општина Куманово. Димитриевски се плаши од вистината и затоа сака да ја забошоти, да ги прикрие злоупотребите и да го замолчи сите што му се спротивставува и јавно му ги обелоденуваа“, рече Мургашанска.
„Јас како одговорна советничка сум гласот на граѓаните, јавно зборувам за скандалите и за сомнежите за криминал на Максим Димитриевски и така и ќе продолжам. Јасно му порачувам дека нема ниту да ме уплаши ниту да ме замолчи“, рече таа.
Мургашанска најави дека СДСМ ќе продолжи да ја разобличува секоја негова злоупотреба и ќе бара институционална реакција од надлежните.
„Мора да се истражи најголемиот коруптивен скандал во општина Куманово со земјиште, во организација на Максим Димитриевски и неговиот кум Драган Митевски. Како Димитриевски и неговиот кум заработиле 350.000 евра? Институциите мора да дадат одговор? Како тоа Димитриевски добил стан од 97 квадратни метри во центарот на Куманово за само 2.500 евра?“, праша таа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа