На Гаши веќе не ми треба „датумот“ - Алтернатива и без ЕУ останува во Владата

Новата владина коалиција беше направена под изговорот дека на Македонија ѝ е потребна стабилна власт, поради позитивните сигнали од Софија и Брисел по прашањето на евроитеграцијата на нашата земја.

Сепак, Бугарија не се откажа од ветото, по што Македонија повторно остана без датум за преговори со ЕУ. Сепак, тоа на владејачката партија во земјава не ѝ претставува проблем во обидот да формира нова влада, по најавената оставка на премиерот Зоран Заев.

– Како држава направивме сè за исполнување на условите и за започнување на преговори со ЕУ и оттаму, очекувањето Бугарија да ја тргне блокадата согласно европските вредности е навистина оправдано – порача портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Одговарајќи на прашање околу новата владина коалиција, Кузеска истакна дека договорот со политичката партија Алтернатива е заокружен и дека наскоро ќе биде реализиран.

– Стабилно парламентарното мнозинство е создадено врз основа на принципи и за европскиот пат на државата, стабилност и напредок.  Парламентарното мнозинство е постигнато со партии кои ги поддржуваат овие стратешки цели и кои се подготвени да понесат одговорност во ова време кога сме соочени со предизвици, како енергетската криза, пандемијата и севкупната живеачка на народот – посочи Кузеска.

Во СДСМ сметаат дека сега не е време за предвремени избори.

– Нема потреба за предвремени избори, сега е време за одговорност, во поглед на решавањето на предизвиците пред кои сме исправени, особено енергетската криза и пандемијата со коронавирусот – заклучи портпаролката на СДСМ.

Алтернатива засега останува во владејачкото мнозинство, но без скорешна одлука на ЕУ за почеток на преговори сите треба да се запрашаат што понатаму во државата. Ова е ставот на партијата на Гаши која го дооформи владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ, со изговор за брза ЕУ интеграција.

- Алтернатива се придржува до принципите поради кои одлучи да се приклучи на владејачкото мнозинство. Следствено на тоа, одржувањето на евроинтегративниот курс и добрососедството е една од основните и најважни точки за да ја донесеме таа одлука. Не зависи од нас решавањето на спорот со Бугарија, ниту одлуката за отворање преговори со ЕУ, иако нашето вклучување во владата секако го помогна на овој процес.
Имаме големи надежи дека ние сме ги исполниле условите за отварање на поглавјето за интеграција со ЕУ и сме многу оптимисти дека тоа ќе се случи до крајот на јануари. Доколку, хипотетички тоа не се случи, не мислиме дека само Алтернатива треба да го постави прашањето како понатака, туку ова е прашање што треба да го постават сите политички фактори во државата - велат од партијата на Гаши.

15.12.2021 - 14:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега