Наумовска: Тешко е преку ноќ да изградиме идеален систем за учење од далечина, нацрт-концептот е отворен за мислења

Работна група формирана од Министерството за образование и наука го направи нацрт-концептот за учење од далечина, со цел да се изгради најдобар модел за е-настава која поради пандемијата е веројатно дека ќе продолжи и од септември.

Изработката на нацрт-документот, кој МОН го објави на својата веб-страница во понеделникот (Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во земјава), е иницирана од промените во начинот на реализација на воспитно-образовниот процес на глобално ниво поради пандемијата,  а е отворен за предлози и сугестии од сите засегнати страни заклучно со денеска.

Според заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска, рокот за забелешки е краток затоа што е кратко и времето до почетокот на учебната 2020/2021 до која останува уште околу еден и пол месец, а целта на МОН е да се избере најдобриот модел.

На онлајн-дебата што беше емитувана на Факултети.мк,  Наумовска кажа дека рамката која е понудена од работната група предвидува активности кои почнуваат во овие месеци, но онлајн-наставата подобро да се органзира во второто полугодие, па и во наредните учебни години.

– Работиме на модели кои ќе бидат преодни. Како ќе отпочне наставата и кој од тие модели ќе биде земен во предвид или кои модели ќе се применуваат во одредени подрачја и реони од нашата држава, ќе зависи од моменталната состојба со КОВИД-кризата во септември и во наредните месеци, рече Наумовска.

Во изработата на нацрт-концептот биле вклучени повеќе  субјекти – претставници од образовни установи, наставници, директори, но и од невладиниот сектор, организации и фондации.

– Нацрт-концептот е неколку дена на јавна расправа бидејќи ние сме отворени за мислења и идеи на наставниот кадар, на јавноста и експертите како концептот да стане подобар. Нема ништо идеално, имаме голем број предизвици, пред нас се економски потешкотии, како и во другите земји, и многу е тешко преку ноќ да се изгради иделаен систем за учење од далечина. Брзо треба да реагираме, затоа е краток рокот што го даваме за јавна расправа бидејќи сакаме по завршување на изборниот процес навремено да излеземе пред родителите и наставниците за и самите училишта да се подготват за новата учебна година, истакна Наумовска.

Додаде дека Министерството за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието и претставници на УНИЦЕФ и на граѓанскиот сектор веднаш почнале да работат на подготовка на концептот за учење од далечина. Притоа нагласи дека со предизвикот за справување со ситуацијата и влијанието и последиците што таа го има врз образованието се соочуваат и  многу поразвиени држави од нашата и, како што рече, се нашле затекнати од пандемијата.

Во онлајн-дебатата што беше организирана синоќа заменик-министерот за здравство Арменд Арслани рече дека невозможно е сега да се предвиди каква ќе биде состојбата со заболени од КОВИД-19 за месец и половина. Но нема, рече тој, да се дозволи ризик за учениците и наставниците.

– Во септември се очекува уште покомплициран бран поради сезонскиот грип. Информациите ги следиме на дневна база, сѐ ќе зависи од епидемиолошката состојба пред почетокот на септември, посочи Арслани.

Тие што се заинтересирани за предлози за објавениот нацрт-концепт можат да ги пратат уште денеска на мејлот mitkoceslarov@bro.gov.mk  и да придонесат, како што соопшти МОН, во подготовка на што поквалитетна содржина на овој документ.

– Концепцијата треба да обезбеди непречено одвивање на едукацијата на учениците во основните и средните училишта од 1 септември 2020 година, преку приспособување на процесот на новонастанатата ситуација и реалност, велат од Министерството за образование и наука.

Поради опасност од ширење на заразата со КОВИД-19, наставата во 2019/2020 од средината на март до крајот на учебната година во јуни беше реализирана онлајн и со учење од далечина преку различни е-платформи. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.07.2020 - 13:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега