Не смеете да ги игнорирате: 7 симптоми и болести поради кои мора да посетите лекар

Додека во болниците и понатаму пристигнуваат луѓе заразени со ковид-19 секојдневно, изгледа останатите лица, па и оние што за тоа имаат потреба, избегнуваат да одат на лекар по секоја цена, најмногу поради страв од заразата со коронавирусот.

Лекарите наведуваат дека поединци на кои исклучително им е потребен преглед, па и оние што страдаат од срцеви заболувања, чекаат со денови пред да се обратат за помош.

Кога овие пациенти конечно ќе дојдат по помош, се соочуваат со дијагноза на срцев удар, кој често резултира со трајни оштетувања, појаснуваат лекарите и додаваат дека и со моменталната пандемија, болниците се добро подготвени за сите на кои им е потребна нега.

Мора да ја препознаете и да ја разберете болката што ја чувствувате и ризикот ако не се обратите за помош. Ова се состојбите што не смеете да ги игнорирате.

1. Симптоми на срцев удар

Лекарите наведуваат дека забележале пад од дури 40 отсто на пациенти што доаѓаат со симптоми на болести на срцето.

Основен прв симптом на срцев удар е силна болка зад градната коска. Таа болка може да варира во интензитетот и начинот на настанување. Таа по правило не престанува, трае континуирано, може да се шири во левата рака, во грбот, во вилицата… А, некои форми на срцев удар освен со болка, се проследени и со гадење и повраќање, објаснуваат кардиолозите.

2. Симптоми на мозочен удар

Можеби не сте знаеле, но во светот 80 милиони луѓе преживеале мозочен удар, додека 50 милиони преживеани живеат со некаква форма на трајна инвалидност. Лекарите забележуваат дека и во случај на овие симптоми, се бележи пад на пристигнувањето на пациентот во одделението на итни случаи.

– Ненадејно трпнење, слабост или одземеност на раката, ногата или лицето: особено зафатеност на само едната страна на телото.

– Ненадејни пречки во говорот: отежнато изговарање, разбирање или губење на говорот.

– Ненадејни пречки во видот: замагленост или губење на видот.

– Ненадејни пречки во одењето, вртоглавица, губење на рамнотежата.

– Ненадејна силна главоболка што може да биде проследена со мачнина и повраќање.

Важно е да се препознаат симптомите на мозочен удар и итно да се јавите кај лекар за навреме да се преземат соодветни дијагностички и тераписки мерки.

3. Сте скршиле коска

Многу скршеници може да се санираат и во ургентен центар, но добро е да се посети и РТГ-ординација за да се види дали е потребна операција. Во случај на скршеница, може да се јави и крвавење и промена на бојата на местото каде што е скршено.

4. Симптоми на артериска тромбоза

Тромбоза е формирање крвно згрутчување внатре во крвниот сад, по што доаѓа до спречување на нормалниот тек на крвта низ системот за циркулација. Артериската тромбоза настанува во артериите, а најчесто се повторува како последица на пукање на атеросклеротскиот плак, односно масните наслаги во крвниот сад.

Таа предизвикува инфаркт, мозочен удар или белодробна емболија, кои се потенцијално смртоносни состојби. Главни симптоми на артериската тромбоза се болка во градниот кош ако дошло до инфаркт, отежнато дишење и потење, а во случај на мозочен удар доаѓа до губење на свеста и пречки на моторичките функции.

5. Симптоми на менингитис

Менингитис може да предизвикаат бактерии и вируси, а станува збор за воспаление на обвивката на мозокот и на ’рбетниот мозок. Бактерискиот менингитис е многу сериозна болест што може да биде смртоносна. Клиничката слика се развива брзо, тешка е и може да остави трајни последици на здравјето. Вирусниот менингитис почесто се појавува од бактерискиот и е со полесен тек на болеста, ретко предизвикува компликации, а заболената личност закрепнува по 7 до 10 дена без специфично лекување. Симптомите на менингитис се зголемена телесна температура, главоболка, болка во мускулите, чувство на слабост, мачнина и повраќање.

6. Аритмија што не е само блага

Артимиите можат да се презентираат како нарушувања со забрзаната работа на срцето, односно тахиаритмии, или со забавена работа на срцето – брадиаритмии, а една од најчестите причини зошто младите луѓе, вклучително и тинејџерите, се обраќаат кај кардиолог, се токму аритмиите. Може да се појават симптоми како вртоглавица, болка во градниот кош, губење на свеста… Големиот број аритмии по својата природа се бенигни, меѓутоа одредени аритмии може да доведат до ненадејна срцева смрт.

7. Имате силна алергиска реакција

Повеќето од алергиските реакции се благи и минливи, но ако имате сериозни симптоми, потребни се секунди состојбата да стане исклучително опасна. Затоа, не размислувајте многу, туку веднаш одете на лекар.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.08.2020 - 14:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа