Незадоволството на помалите партнери во Владата ќе се решава со воведување нови министри без ресор?

Преговорите и размислувањата во рамки на коалицискиот блок на СДСМ нема да завршат со вчерашниот неочекувано долг состанок во владината зграда. Повеќе помали партнери најавија дека консултациите ќе мора да потрајат па дури и да продолжат со идниот мандатар на владата. 

Апетитите за добивање повеќе места во извршната власт ги зголеми договорот Заев-Гаши со кој Алтернатива доби дури 47 менаџерски позиции меѓу кои тројца министри и тројца заменици министри.

Прв нескриената желба ја покажа Мирослав Јовановиќ од Српска странка кој изрази незадоволство што Алтернатива ќе добие министер без ресор, нешто за што претходно било договорено дека нема да го има. Ако биде исполнето ваквото барање на Алтернатива, тој ја најави можноста дека и тие ќе бараат министер без ресор. Но, се надева дека до такво нешто нема да дојде. 

Јовановиќ најави дека преговорите ќе траат уште недела дена. „Потоа кога ќе биде избран новиот претседател на СДСМ на 12 декември, заедно со премиерот да седнеме и да се договирме за сите детали. Мислам дека идната недела околу 14 декември треба да се договориме за сите детали“, рече Јовановиќ по состанокот со Заев во владината зграда.

Резерви кон договорот искажа и лидерот на Демократскиот Сојуз Павле Трајанов кој силно ја критикува точката 2 која предвидува меѓународна ревизија на правосилно пресудени судски предмети како Монструм и Диво Насеље, но смета и дека со поголемиот број министри од албанскиот блок се нарушува етничкиот баланс.

Пред почетокот на средбата тој најави дека ќе се прават пошироки консултации, по што ќе се донесе некаков координиран заеднички став, но според неговите очекувања тој процес ќе трае уште најмалку месец дена. „Демократскиот сојуз нема намера да уценува и да притиска. Сега владата на СДСМ ќе биде малку покомотна, ќе има 64 пратеници во мнозинството, така што некои од коалициските партнери кои не се задоволни, можат слободно да ја напуштат коалицијата“, рече Трајанов.

Извори од помалите партии велат дека постои одредена подготвеност кај актуелниот премиер да го зголеми бројот на министри во владата за да се излезе во рпесрет на очекувањата на партнерите.

Владата во моментов брои 19 министри и премиер. До август 2020 односно до составот на новата влада по последните парламентарни избори владата броеше 27 министри плус премиер. Кога Заев го претставуваше новиот кабинет рече дека се крати бројот на министри без ресор со цел да се добие поефикасна влада со намалени тршоци на функционирање.

07.12.2021 - 09:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега