Николоски: Државата со власта на Заев тоне во неспособност, корупција и поделби

Државата со власта на Заев тоне во неспособност, криминал, корупција и поделби. Тоа не е констатација само на ВМРО-ДПМНЕ туку и на релевантни меѓународни организации, истакна на денешната прес конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

„Угледниот тинк тенк од САД – Фондацијата Херитиџ во својот годишен извештај за 2021 година за рангирање на земјите во светот според нивото на економски слободи и права ја рангира Македонија на 46-тото место со 68,6 поени, што е пад од 5 места во споредба со минатата година кога Македонија била рангирана на 41 место. За четири години власт на неспособниот и корумпиран систем на Заев, Македонија паѓа за 15 места на листата на Фондацијата Херитиџ за економски слободи и од 31 место во 2017-тата година сега Македонија се наоѓа на 46-тото место“, подвлече Николоски.

Заради истата таа корумпирана и неспособна Влада, Македонија се наоѓа во друштво со Руанда и Јамајка, како и Колумбија, а секоја година станува се полошо, додаде потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова, рече Николоски, е уште еден меѓународен извештај во кој што се кажува дека Македонија не само што не оди напред, туку тоне.

„Има пад и во делот на судството и интегритетот на владата. Имено фондацијата констатира дека судската ефикасност и интегритетот на владата се под минималното црвено ниво. Според Фондацијата Херитиџ за подобрување на позицијата на Македонија се потребни реформи во судството и реална борба со организираниот криминал и корупција кои што сега ги нема“, нагласи тој.

Според него, Македонија бележи пад и во делот на слободата на работниците и бизнисот, но и слободната трговија.

„Извештајот го потврдува и тоа што ВМРО-ДПМНЕ со години го говори, а тоа е дека економските политики се лоши и дека инвеститорите не доаѓаат. Имено се вели дека нивото на странски инвестиции е ниско за европски стандарди. Значи од држава која што беше рекордер во странски инвестиции, сега Македонија е држава која што има ниско ниво на странски инвестиции за европски стандарди. Тоа што Херитиџ го кажува, народот го живее четири години“, рече тој.

Дообјасни дека во делот на економското функционирање во извештајот било истакнато дека отворањето нова фирма сега чини многу повеќе отколку пред четири години, потребно е повеќе време и има многу поголеми бирократски процедури.

Ова, како што додаде Николоски е уште еден шамар за владата на Заев, ова, смета тој, е црвен картон за неспособноста, но исто така е црвен картон и за државата и има негативни импликации на секој еден инвеститор и на секој еден работник.

МАКФАКС

21.08.2021 - 13:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега