Николоски: Основна причина зошто луѓето се иселуваат е корупцијата

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во своето гостување во емисијата ,,Што не е јасно” на Алфа телевизија говореше за корупцијата која е широко распространета во Македонија и го јаде општеството, а својот максимум го достигнала со овие влади на Заев.

- Пред да дојде Заев на власт, Македонија според Индексот за перцепција корупцијата беше рангирана на 60-то место, јас би сакал да беше и на 30-то, но беше на 60-то, со Зоран Заев стигна на 111-тото место. Така што, условно кажано дуплирање ама надолу, во корупција, движење кон дното во друштво на афрички држави е нешто што јасно го отсликува она што сите ние го гледаме а тоа е дека системот е скапан од корупција и дека сите се корумпирани, од најниско до највисоко. Од обичен шалтерски службеник до премиер сите се корумпирани. И овие кои се долу, си велат штом премиерот и министрите можат да бидат корумпирани, ќе се корумпираме и ние и така се корумпира системот. Ако вие ја следите корупцијата на високо ниво, тогаш и надолу тоа однесување се спушта, ако вие на највисоко ниво имате корупција, тогаш исто така тоа се спушта надолу ама во негатива, односно корупцијата го јаде системот. И во такви услови, мислам дека треба малку поактивно со ова истражните органи. Јас сум свесен дека сега се под сериозен политички притисок но после промената на власта, мора сериозно да се отворат сите тие корупциски афери кои што се изнесени во јавноста. – рече Николоски.

Николоски додаде дека тоа мора да се направи не заради политичка пресметка или пресметка со политичкиот противник, туку поради тоа што мора еднаш да се стави крај на корупцијата и не само во институциите кои се под владата, туку мора сериозно да се отворат и останатите институции како што се случувањата во судството, обвинителството, локалната самоуправа, бизнис секторот, да се види што се прави царината, во останатите институции и системски прво да се исчисти и потоа да се изнаоѓаат решенија кои нема да доведат кон повторување на истите проблеми.

06.06.2022 - 19:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега