Николоски: Решението за излез од кризите се предвремени парламентарни избори

Блокада на Собранието е првиот чекор и ќе следуваат уште многу други доколку власта на СДСМ и ДУИ не се вразуми. Јас се уште се надевам дека има време да седнеме да разговараме, пред се тоа е во интерес на граѓаните и државата. Македонија е во континуирана политичка криза, а сега и економска и национална криза. Економската е заради катастрофата во економијата предизвикана пред се од домашната неспособност и од корона пандемијата и војната во Украина, а национална заради ова што со Бугарија. Во исто време погазена е волјата на народот особено после локалните избори каде што ВМРО-ДПМНЕ беше убедлив победник и тоа зборува дека власта треба да си замине, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „360 степени3 на Алсат М телевизија.

Николоски истакна дека разумно е да се седне и да се поразговара на лидерска средба каде ќе разговара за сите прашања, но СДСМ бега од вториот дел од понуда за 4 тима во 4  клучни сектори, тоа е пред се состојбата во економијата, здравството образованието и националната катастрофа, која е за да не губи државата време.

- Понудата е во тие 4 сектори, да ВМРО-ДПМНЕ понуди луѓе со сериозна политичка тежина и експерти во истите области кои ќе помогнат да се решаваат проблемите, а паралелно да се договори датум за предвремени парламентарни избори. Од страна на власта имаме 5 реченици научени напамет кои постојано ги повторуваат и ги учат на поларизација.  Треба на сите да им е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ има најголема пратеничка група во собранието, после локалните убедливо најголем број градоначалници и позади нас стои огромното мнозинство на народот и тоа не смее да се игнорира. Заев поднесе оставка, а кога премиер ќе поднесе оставка се оди на избори, а не се прават вакви егзибиции со премиер кој не бил на избори, потенцира Николоски.

Во однос на лидерската средба Николоски рече дека ќе се усогласат точки предлози на двете страни, прашања во интерес на двете страни, додека за ако има договор за предвремени избори, ќе се оди на избори, но ако нема договор, тогаш ВМРО-ДПМНЕ има други механизми преку кои ќе се дојде до предвремени избори, дали се тоа протести, дали е продолжување на активната блокада во Собрание или други чекори преку општините.

- Тие се свесни дека ќе изгубат на избори, и затоа сега си викаат да истуркаме уште некој месец. На тоа е сведено размислувањето во врвот на СДСМ. Во држава како Македонија неопходен е политички дијалог. Има силна економска криза која силни ги погодува и владата и општините. Владата ја води ДУИ и СДСМ, а општините главно ВМРО-ДПМНЕ, а во дел ДУИ и Алијанса за Албанците. Во моментов нема комуникација и затоа жителите на општините плаќаат повисоки сметки за улично осветлување дури 5 пати повисоки. Нема доволно дотации за училиштата и градинките поради што им се случи штрајк на СОНК. Нема капитални инвестиции. Имаме проблем со Бугарија, а цело општество треба да преговара. Не треба цела држава да страда само што СДСМ се свесни дека ќе губат, изјави Николоски.

06.05.2022 - 22:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега