Николоски: Високото ниво на корупција во Македонија го спречува нејзиното интегрирање во ЕУ
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски гостуваше во „Клик Плус“ на телевизија ТВ21 каде што зборуваше и за интегрирањето на Македонија во Европската унија и високото ниво на криминал во државата, кој го спречува нејзиното интегрирање.
Николоски посочува дека една од препораките и забелешките на Европската комисија, покрај реформите кои што ги нема, е и борбата против високопрофилираниот криминал против кој што во изминатите пет и пол години не само што нема борба туку се стимулира.
„Борба со високопрофилираниот криминал е еден од препораките на Европската Комисија, и не да нема борба со високопрофилираниот криминал туку се стимулира во овие пет и пол години, затоа Македонија не започнува преговори“, рече Николоски.
Додава дека Македонија има добро поставен уставно - законодавен систем за борба против криминалот и корупцијата и за воспоставување на систем за владеење на правото, но за тоа треба да се случи политиката треба да ги тргне рацете од институциите и да им се даде можност на чесните професионалци кои што во македонските институции ги има во голем број.
„Јас мислам дека Македонија има добро поставен уставно законодавен систем и мислам дека има добро организирани институции, односно, не мислам дека на Македонија и требаат ниту нови закони, ниту нови институции. Тоа што и треба на Македонија е да ги примени законите и политиката да ги ослободи институциите да работат согласно закон. 10-15 проценти од вработените во институциите се екстремно корумпирани, останатите се чесни професионалци и доколку на нив им се даде шанса институциите добро ќе работат и за шест до девет месеци ќе дојдат првите резултати. Јас гарантирам дека за шест месеци ќе дојдат првите резултати само да се тргнеме, ништо да не и правиме на институциите, никаков закон да не менуваме, никакви нови институции да не правиме, првите резултати ќе дојдат“, истакна Николоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа