Николовски: СДСМ победува во прв круг или води во 27-28 општини

Според првичните информации што вечерва ги соопшти генералниот секретар на СДСМ и шеф на Централниот Изборен Штаб на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Љупчо Николовски СДСМ победува во Скопје и Петре Шилегов води уште во првиот круг пред Данела Арсовска.

-Покрај Град Скопје, СДСМ победува во првиот изборен круг или води односно влегува со водство во вториот круг во најмалку 25 и повеќе општини и тоа во Струмица, Крива Паланка, Делчево, Крушево, Ресен, Дојран, Богданци, Валандово, Берово, Кривогаштани, Кочани, Карпош, Центар, Пробиштип, голема предност во Шуто Оризари, во Пехчево, во Демир Капија, Демир Хисар, во Маврово-Ростуше, предност во Македонска Каменица, во Чашка, во Росоман, во Ново Село, во Старо Нагоричане, во Лозово и се разбира на ниво на Град Скопје. А пред ВМРО-ДПМНЕ убедливо водиме и во други македонски општини каде што или немаат кандидати или водиме пред нив – како што е Куманово, Долнени, Дебарца, Струга и многу други македонски градови. СДСМ до овој момент победува или има сигурно водство во овие над 27-28 општини, рече на вечерашната прес-конференција Николовски.  

Според него, тоа што ВМРО-ДПМНЕ нерационално се обидува да конструира, како што рече, лажна  еуфорија е показател на политичката неукост на лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

– Локалните избори секогаш имаат и втор круг. Затоа, кочи Мицко. Граѓаните знаат дека СДСМ го има најголемиот коалициски капацитет на македонската политичка сцена и тоа во историјата на плурализмот во Македонија. Прогресивната и демократска опција односно СДСМ и најголемата најразнолика коалиција ќе ги добијат овие избори бидејќи Северна Македонија, членка на НАТО со завршен попис никој не може да ја кочи и мора да оди напред. СДСМ ќе освои поголем број градоначалници во споредба со ВМРО-ДПМНЕ. Прогресот ќе доминира во најголем број од општините. СДСМ поведува и во Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ е поразено во Град Скопје, рече Николовски. 

17.10.2021 - 23:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега