Николовски: Се гради насекаде како никогаш, Истокот го поврзуваме со сите региони

Со членството во ЕУ и НАТО инфраструктурниот бум на СДСМ продолжува, се гради насекаде како никогаш, истокот го поврзуваме со сите региони, изјави Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ и носител во Изборна единица 3.
 
„Денес сме овде на патниот правец Пробиштип-Крупиште, кој е во завршна фаза на реконструкција и рехабилитација. Со овој проект, жителите на Пробиштип ги поврзуваме со Штип, со Кочани, но и со граничниот премин со Бугарија, кај Делчево. Патувајте, поврзувајте се, нека се развива економијата, стопанството, нека се развива трговијата“, кажа тој.
 
 
 
Николовски изјави дека за овој пат инвестирани се нешто повеќе од 3,4 милиони евра.
 
„Замислете колку вакви патишта буквално „изеде“ ВМРО-ДПМНЕ во Белата палата, во лажен барок, во жални врби. Ние инвестираме, градиме, вложуваме во подобар живот за граѓаните. Го реконструираме регионалниот пат Злетово – Пробиштип, го санираме свлечиштето на регионалниот пат Кратово – Пробиштип. За развој на локалната патна инфраструктура за општина Пробиштип вложуваме над 800 илјади евра. Ќе ја санираме и ќе ја уредиме старата депонија во Пробиштип“, рече Николовски.
 
Тој обвини дека ВМРО-ДПМНЕ украле милијарди, а не сакале да ја покачат минималната плата ни денар. Ја држеа на срамни 9.000 денари.
 
„СДСМ за само две и пол години ја покачи минималната плата на 14.500 денари. Тоа се 1.100 евра годишно повеќе. И таа плата уште ќе расте. Ние работиме за граѓаните. Затоа градиме, градиме на Истокот, го поврзуваме со сите делови од државата и со соседните земји“, рече Николовски.
 
Тој кажа дека нема граѓанин, на кој за последниве две и пол години не му се покачени приходите.
 
„Ја намаливме невработеноста и уште ќе ја намалуваме. Работа ќе има за сите. 12.000 стечајци добија месечен приход од 8.000 денари до пензионирање, социјалната помош порасна за 300 проценти, се прошири опфатот од 24.000 на 36.000 граѓани. Ги враќаме парите кај граѓаните во буквална смисла. Ќе живееме во напредна економски стабилна и просперитетна европска држава. Кога се работи одговорно, домаќински и паметно, пари има за сите и за се“, рече тој.
 
Николовски кажа дека земјата стана членка на НАТО, а, како што кажа, ќе стане и членка на ЕУ.
 
„Тоа се повеќе пари за справување со коронакризата, за новата македонска економија, за зелена агенда, енергија, конкурентност, капитални инвестиции, земјоделство, канализации, патишта, водовод. Тоа се европски пари за европски стандарди дома. За достоен живот за сите нас. Со СДСМ тоа е возможно, со ВМРО-ДПМНЕ можна е само обнова на режимот и изолација. Затоа, на 15 јули граѓаните ќе одберат да продолжиме на прав пат кон ЕУ и НАТО. На 15 јули одиме на сигурна победа и чист мандат за СДСМ и Коалицијата Можеме“, рече Николовски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.06.2020 - 12:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега