Николовски: Состојбите во земјава се причина за можно укинување на безвизниот режим

 Проблемот е во земјава и во економската состојба, а не во земјите кои бараат да се укине безвизниот режим, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ при денешниот престој во Прилеп, запрашан за коментар на тоа дека некои земји од Европската Унија размислуваат за укинување на безвизниот режим за Источноевропските земји и за Западен Балкан.

-Видов дека Белгија, конретно, размислува за Македонија, зашто во моментов има голем наплив на барања за азил од Македонија. Сите знаат дека причини за барање азил од Македонија нема зашто, без разлика на сѐ, во Македонија нема ниту војна ниту серозна политичка криза, па за да има оправдување за давање азил на жители од Македонија, така што сите во Белгија се свесни дека оние што бараат азил, го бараат од економски причини. Проблемот е внатре во Македонија и во оваа влада, зашто ако некој се решава да ја напушти Македонија и да оди да седи во азилантски камп во Белгија, со цел да чека азил, значи дека не може да живее во Македонија, зашто не може да „врзе крај со крај“ и решава да ја напушти државава. Проблемот е во Македонија, а не во оние држави кои немаат, сакаат да има визи, изјави Николоски.

На прашањето да го коментира пишувањето на „Ројтерс“ дека Европската Унија не се согласува со гаранции за членство на Балканот во Унијата, повикувајќи се на интерен документ, тој смета дека состојбите во државата се причина, а подетално за ова очекува од заклучоците на самитот во Словенија каде како членка на Европската народна партија ќе учествува и ВМРО-ДПМНЕ со партиска делегација предводена од лидерот Христијан Мицкоски.

-Треба да ги видиме финалните заклучоци, но има две работи кои се факт: апсолутно има замор од проширување, и тоа од големи членки на Унијата, а втората работа која недоволно се дискутира во сите балкански земји е зошто е тој замор. Замор има зашто Македонија не напредува. Јас сум убеден дека ниту Франција, ниту  Белгија или Холандија би имале проблем Македонија утре да стане земја-членка на Унијата, ако работите овде се средени. Но, во услови на 111-то место за перцепција по корупција и кога четири години странски инвеститор не доаѓа во државава, во услови на уништено здравство, мислам дека е логично членките на Унијата да сакаат да успорат со процесот за проширување, зашто Македонија не напредува доволно. Македонија не напредува ниту поради спорот со Бугарија, ниту поради методологијата, туку поради корупцијата и нарушениот систем на владеење на социјалниот, образовниот и на здравствениот систем во државава, изјави потпретседателот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. 

29.09.2021 - 16:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега