Пожарот во фабриката во Битола проголта 5 милиони евра

Пожарот во фабриката за бисквити „Виго“ во Битола проголта над 5 милиони евра, пишува телевизија Канал 5.

Според информациите на Канал 5, пожарникарите се бореле со огнот цела ноќ, за да спречат експлозија на резервоарите со гас. Имало три мали експлозии, но, за среќа огнот не стигнал до 30 тонските резервоари.

Пожарникарите за Канал 5 коментираат дека ова е најголемиот пожар во Битола во последните 20 години. Тие велат дека навреме интервенирале, но, временските услови придонеле огнот брзо да се прошири на целата фабриката.

Битолската противпожарна единица и полицијата се уште будно ја следат состојбата во кругот на фабриката „Виго 48“.

- Во горниот дел во самата просторија имаше плински боци и хемиски реагенси кои ги користи лабораторијата. Таму ноќеска околу 4 после полноќ дојде во експлозија. На лице место беа 6 пожарникари кои можеа да настрадаат. Три боци од по 25 литри експлодираа, вели за Канал 5 Костадин Поповски, командир во противпожарната единица Битола.

Ветрот, запаливите градежни материјали, како и високозапаливите суровини придонеле брзо ширење на огнот, пишува Канал 5.

- Чатијата кога стигнавме веќе беше падната. Опасно беше - вели Јоше Ваиновски, командир во противпожарната единица од Битола за Канал 5.

- Имаше и една непријатна ситуација каде имаше обид нашите вработени да бидат нападнати и полицијата спречи инцидент, објаснува за телевизијата неговиот колега Поповски.

Пожарот направи штета од околу 5 милиони евра, информира управителот на фабриката, истакнувајќи дека фабриката е осигурена.

- За околу еден час, гореше целата фабрика! Сите вработени беа навремено евакуирани и сите се безбедни. Направена е огромна материјална штета. Нашата првична проценка од она што можеме да го видиме од надвор е дека 95% од фабриката е уништена. Штетата е преку 5 милиони евра, вели за Канал 5, Ненад Павловски управител на фабриката Виго 48.

Фабриката вработуваше 215 работници и извезуваше производи во 14 земји. Пожарот избувнал во делот на оџакот, но, се уште не се утврдени причините. Полицијата се уште не дозволува пристап во објектот, бидејќи внатре се уште гори. 

27.06.2014 - 15:32
Фото: 
A1On
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега