Полицискиот „Компас“ ги најде суровите хакери - еве ги деталите од големата акција на МВР

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика – Одделение за истраги за компјутерски криминал при МВР по претходно спроведена истрага, ја реализираше оперативната акција “Компас“ во која е разбиена десетчлена организирана криминална група инволвирана во вршење на криминални активности поврзани со изработка на лажни веб страници – фишинг и кражба на податоци од платежни картички и банкарски податоци со цел вршење на нелегални трансакции.

Кривична пријава си заработија десет лица за сторени кривични дела „Злосторничко здружување“ и „Изработка и употреба на лажна платежна картичка“.

Организираната криминална група е составена од десет македонски државјанин од кои Р.П. (32) од Прилеп, З.М. (28) од Штип, П.П. (30) од Прилеп, кои биле организатори на криминалната група, и Д.Г. (32), Б.П. (28), Г.К. (33) сите од Прилеп, како и М.Т. (21), И.Т. (27), Ј.Р. (26) и С.П. (32), сите од Скопје, кои биле членови на криминалната група. При реализацијата на случајот биле извршени претреси на вкупно седум локации (три во Скопје, три во Прилеп и една во Штип), на коио живееле членовите на организираната група.

-Во рамки на спроведените мерки и активности од страна на МВР обезбедени се девет осомничени лица, при што за првопријавениот Р.П. и третопријавениот П.П. како и шестопријавениот Г.К. им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. Второпријавениот З.М. не е достапен на органите на МВР, и за него е распишана потерница, информира денеска МВР.

Прво и второпријавениот, соопштува полицијата, прибавувале банкарски податоци од вистински платежни картички и податоци за носители на тие платежни картички. Податоците ги прибирале изработувајќи лажни веб страници – фишинг (веб страници кои се визуелно идентична копија на оригиналната и истите имаат полиња за оставање на банкарски податоци од страна на корисниците, но веб страната е лажна и тие банкарски податоци ги добива лицето кое што ја поставило таа фишинг страна). Лажните веб страни ги поставувале на веб сервери во странство и линковите до истите со помош на спам пораки, каде што како дел од спам пораката, која што обично е реклама за некоја нова услуга, го ставаат и линкот до лажната ВЕБ страница. Така подготвените спам пораки во вид на меилови ги препраќале до таргетната група на лица. Откако оштетените ќе ја отвореле лажната ВЕБ страница, без да приметат дека не е оригинална, ги вметнувале своите кориснички имиња и пасворди за пристап, и овие податоци автоматски се зачувувале на документ поставен на интернет до кој пристап имаат членовите на криминалната група.

-Банкарските податоци членовите на криминалната група ги користеле за неовластено префрлање на готови парични средства од сметки на странски физички лица на лица во Р.Македонија преку различни сервиси за брз трансфер на пари (Western Union и Moneygram). Имено користејќи ги украдените податоци од платежни картички, преку ВЕБ страната на Western Union, преку која е возможно да се испраќаат пари онлајн, ги искористувале тие податоци и од нив префрлале пари на свое име или на име на членовите од групата како и на другите лица задолжени за примање на нелегалните парични средства, кои пак парите ги подигале лично на шалтерите на сервисите за брз трансфер на пари како и во банките кои ги нудат услугите за брз трансфер на пари, во прво време во РМ, а подоцна и во Р.Косово, стои во соопштението.

Банкарските податоци, стои во соопштението, ги користеле така што се најавувале на веб страните на банките каде уботребувајќи ги украдените податоци, и преку системот за онлајн трансакции си префрлале пари на свое име или на име на членовите од групата како и на другите лица задолжени за примање на нелегалните парични средства. Притоа, најчесто се краделе податоци од клиенти на банки кои потекнуваат од Канада. На овој начин организираната криминална група се стекнала со имотна корист од 95.609 американски долари и 99.000 евра.

-Врз основа на судски наредби беа извршени претреси во домовите на членовите на криминалната група при што е пронајдена и одземена компјутерска опрема, лап топови, куќишта од персонални компјутери, надворешни хард дискови, usb-ња, повеќе мобилни телефони и  сим картички.  Одземените предмети ќе бидат доставени до Одделението за дигитална форензика со цел нивно вештачење. Во домот на првопријавениот Р.П пронајден е еден гасен пиштол и десет гасни куршуми кои истиот ги поседувал без дозвола. По завршувањето на постапката против истиот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Во домот на осмопријавениот И.Т. пронајдени се девет зипер кесички со непозната растителна материја зелена боја, која ќе биде доставена до ОКТ со цел вештачење  на истата. По завршувањето на постапката против истиот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Во домот на седмопријавениот М.Т. пронајдени се две зипер кесички со непозната растителна материја зелена боја и две рачно изработени цигари исполнети со непозната материја, кои ќе биде доставена до ОКТ со цел вештачење  на истите. По завршувањето на постапката против истиот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, информира македонската полиција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:

ЕКСКЛУЗИВНО: Големо апсење низ цела Македонија

03.07.2014 - 12:26
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега