Од 8. јули полесно и побрзо до лек

Со новите измени кои ги воведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ),  85 лекови од позитивната листа од 8. јули ќе станат подостапни за 250.000 осигуреници.

Директорот на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова денеска објасни дека измените се направени по барање на група осигуреници и на лекарите, но и врз основа на анализите  на ФЗОМ,  според кои  е оценето дека има и медицинско оправдување за новата либерализација на тие лекови од позитивната листа. Таа посочи дека одлуката е објавена  во Службен весник на РМ и опфаќа две измени во делот на режимот на пропишување одредени лекови.

- Новината во првиот сегмент е менување на режимот на пропишување од лек за употреба во болнички услови во лек кој може да се издава на рецепт во примарна здравствена заштита. За 10 лекови по генерика односно 16 заштитени имиња на лекови направивме промена и ги префрливме на примарната листа односно осигурениците во аптека веднаш да можат да си ги подигнат на товар на Фондот без да се оптoварува и буџетот на болницата и да се прави непотребно талкање на осигурениците до болница во и надвор од местото на живеење, но и да се укинат рефундациите, рече Парнарџиева Змејкова на денешната прес-конференција. 

Целта, рече таа, е осигуреникот побрзо и полесно да го добие лекот на рецепт на товар на Фондот.

- Целта ни беше и да се намали бројот на упатувања на повисоко ниво во здравствениот систем и само да се добие препорака за одреден лек, а не да се направи контрола односно да се направи преглед кај доктор, објасни Парнарџиева Змејкова.

Од болничка на примарна позитивна листа, рече директорката на ФЗОМ, се префрлуваат  лекови за епилепсија (oxcarbamazepin (Trileptal, Oxalept), кои ќе може да ги пропишува избран лекар по препорака од специјалист или субспецијалист, за паркинсонова болест (levodopa, carbidopa, entacapone (Stalevo), антидепресиви (venlafaxine (Velafax, Velahibin, Zanfexa) кои ќе може да ги пропишува избран лекар по препорака од специјалист, за трансплантација на органи и ткива (itraconazole (Orungal) кои сега ќе може да ги пропишува избран лекар по препорака клинички конзилиум и за  автоимуна невромускулна болест мијастенија гравис (pyridostigmine (Mestinon).

Таа посочи дека втората измена се однесува на тоа дека лековите ќе може да ги пропишува избран лекар без претходна препорака од  специјалист  или субспецијалист.

- Со ова ќе се намали бројот на упатувања, односно 250.000 дополнителни термини би се ослободиле во клиниките и болниците, а со тоа и повеќе време ќе имаат специјалистите да посветат внимание на пациентите. Придобивка за осигурениците е дека ќе се скрати и времето кое што досега беше потребно да се добијат овие лекови на рецепт на товар на Фондот. Особено за  осигурениците кои досега требале да патуваат до здравствените установи од повисоко ниво во други градови, а сега ќе можат само со посета на избраниот лекар да добијат рецепт за овие лекови, рече Парнарџиева Змејкова. 

Ваква промена, рече таа, е извршена кај 13 лека по генерика со фармацевтска дозажна форма и јачина, односно кај 69 заштитени имиња е извршена ваква промена.

Измената ги опфаќа лековите од групата на антибиотици azithromycin (Sumamed, Azibiot, Hemomycin, Azatryl, Azitromicin, Azimed) и clarithromycin- Fromilid, Lekoklar, Klaricin, Uniklar, Zymbaktar, Meristat, Claritromycin, кои ќе може да ги пропишува и избран општ лекар без препорака од специјалист, лекови за: третман на желудник (pantoprazole (Controloc,  Nolpaza, Zipantola,  Acipan, Gastroloc,  Pantoprazol Farmoz) кој наместо по препорака од субспецијалист - гастроентерохепатолог ќе може да ги пропише избраниот лекар, за висок крвен притисок и срце (bisoprolol (Concor, Bisobel, Bipresso, Bisoprolol, Byol, Bisocor) кој ќе може да го пропише избран лекар  наместо по препорака на  специјалист интернист или субспецијалит кардиолог и против вртоглавица (cinnarizin –  Cinedil, Stugeron,Cinarizin).

03.07.2014 - 14:31
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега