Николоски ќе ги набљудува изборите во БиХ и Бугарија

Македонскиот пратеник Александар Николоски е назначен за член на две ад-хок комисии на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Тој ќе биде набљудувач на парламентарните избори во Босна и Херцеговина закажани за 12 октомври, како и на предвремените парламентарни избори во Бугарија кои ќе се одржат оваа есен.

Николоски, кој е шеф на македонската делегација и потпретседател на мониторинг комитетот, е назначен од име на Групата на европски народни партии.

Назначувањето на Николоски за набљудувач е всушност признание и за Република Македонија, бидејќи за член на мисија за набљудување на избори може да биде избран само пратеник од држава која спроведува високо демократски и слободни избори.

Досега, Николоски бил член и на ад-хок комисиите за набљудување на парламентарните избори во Бугарија и претседателските избори во Азербејџан во 2013 година.

Парламентарното собрание на Советот на Европа за првпат во 1974 година учествуваше во набљудувањето на изборниот процес и е првата институција која почитувањето на принципите за слободни и фер избори го постави како услов за членство. 

Парламентарното собрание на Советот на Европа има утврдени прописи за набљудување на изборите, кои се однесуваат на почитување на принципите на демократијата, плурализмот и правото на слободни избори. Техничкото набљудување се фокусира на адекватноста на законите според кои се спроведуваат изборите, а под мониторинг е и политичкиот амбиент во кој се одвиваат изборите. Затоа, членовите на ад-хок комисиите за набљудување имаат средби со изборните органи, претставниците на политичките партии застапени во Парламентот, како и со претставниците на граѓанското општество и медиумите. 

03.07.2014 - 14:59
Фото: 
Фактор
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега