Македонија и Турција имаат одлична соработка на полето на одбраната и безбедноста

Република Македонија и Република Турција имаат одлична соработка на полето на одбраната и безбедноста, заклучија министрите за одбрана на двете земји, Зоран Јолевски и Исмет Јилмаз, при денешниот телефонски разговор.

Јолевски се заблагодарил за поддршката од Република Турција за нашата држава, на сите полиња. Турскиот министер, пак, посочил дека двете земји имаат стратешко партнерство и дека Република Турција целосно и безусловно ги поддржува аспирациите на Република Македонија за членство во Алијансата. Двајцата министри се договориле наскоро да остварат средба.

Јолевски телефонски разговараше и со министерот за одбрана на Република Бугарија, Ангел Најденов, при што беше истакнато дека нашата држава цврсто верува во одличните односи со сите партнери и соседи, меѓу кои и со Република Бугарија.

Министерот Најденов му го честита поставувањето на функцијата министер за одбрана и му посака успех во извршувањето на оваа одговорна задача. Заедничка констатација на двајцата министри е дека постои подготвеност кај двете соседни земји да работат на натамошното унапредување на соработката, особено во полето на одбраната.

03.07.2014 - 16:06
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега