Падна договор меѓу МРТ и БНТ: Бесплатно емитување на нивните програми во двете земји

Првиот човек на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги на Македонија, Зоран Трајчевски ја поздрави динамиката со која се реализирал целиот процес од идеја до чинот на парафирање.

- Независно глобализираниот свет на технологија и економија, неопходна е зголемена интеракција меѓу луѓето, слободен проток на информации, додека слободниот говор, слободата на изразување, плурализмот, културната и јазичната разновидност и толеранција кон другите гледишта и вредносни системи станаа норми на денешните општества, рече Трајчевски.

Со потпишувањето на договорот, рече тој, ќе се обезбеди медиумски простор во кој двете култури ќе можат да се изразат себеси под сопствени услови, со тоа што меѓусоседскиот дијалог за соработка ќе биде двонасочна размена на гледишта, ставови, мислења за прашања од заеднички интерес.

- Со реемитувањето на сателитскиот програмски сервис на МРТ преку кабелските оператори во Бугарија и обратно, емитувањето на сателитскиот програмски сервис на БНТ во Македонија, гледачите на двете земји ќе можат да одблиску да се запознаат со аудио-визуелното творештво, а со тоа и со културата на другата земја, посочи Трајчевски.

Според него, иницијативата за потпишувањето на договорот е само почеток на продлабочен процес на збогатување на програмската содржина наменета за бугарската и македонската публика, и поттик за слични иницијативи и договори за соработка и на комерцијалните телевизии на двете држави.

Бугарскиот амбасадор во Македонија, Иван Петков, го оцени денешното потпишување на документот за соработка меѓу МРТ и БНТ како начин за подобрување на климата во севкупните односи на двете држави, изразувајќи уверување дека соработката меѓу двете национални телевизии ќе биде пример за тоа како треба да се развиваат односите на пријателство и доверба на Република Македонија и на Република Бугарија.

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески, кој присуствуваше на потпишувањето на договорот за реемитување на програмата меѓу МРТ и БНТ, рече дека документот ќе придонесе за продлабочување на добрите и пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

- Радува фактот што овој настан е поддржан од Македонско- бугарската стопанска комора, која во изминатиов период покрена повеќе иницијативи за подобрување на бизнис соработката меѓу двете земји. Според бизнисмените, најважен приоритет е изградбата на Коридорот 8 и подобрувањето на постојаната инфраструктура, од која бенефит ќе има и Охрид, бидејќи туристите од Бугарија се едни од најбројните странски посетители, рече охридскиот градоначалникот.

Бакрачески изрази уверување дека реемитувањето на програмата меѓу МРТ и БНТ преку кабелските оператори  во двете земји ќе овозможи и поголема присутност на Охрид во медиумите и негова промоција како најразвиен туристички и културен центар во Република Македонија и пошироко во регионот.

04.07.2014 - 15:17
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега