ФОТО: 11 жени им се приклучуваат на македонските војници

Во велешката касарна „Алексо Демниевски – Бауман“, 145 граѓани на Република Македонија положија свечена заклетва како 23. генерација на доброволно служење воен рок во Армијата на Република Македонија.

Државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски, истакна дека со свечената заклетва, овие граѓани, сега се дел од Армијата, и се обврзуваат да го чуваат и бранат територијалниот интегритет и суверенитетот на нашата држава. „Професионализацијата на Армијата на Република Македонија придонесе за содавање капацитети способни да одговорат на предизвиците на 21-от век. Токму затоа обуката и високото ниво на професионалност претставуваат темелна вредност за која што се залагаме и силно работиме“, истакна државниот секретар Стефаноски.

Дополнително, имајќи предвид дека граѓаните кои имаат завршено доброволен воен рок се дел од басенот лица кои можат да се пријават на идните конкурси за професионални војници во АРМ, државниот секретар Стефаноски додаде: „ Пред неколку месеци направивме измена на Законот за служба во АРМ, со кој трајно се решава статусот на професионалните војници, имено сите оние кои ќе наполнат 45 години и имаат активен договор ќе добијат трајно вработување во некоја од државните институции. “. Тоа, посочи Стефаноски, ќе ви биде уште еден силен мотив за посветено да работите во претстојниов период на обука кој што е пред вас.

„Да се биде војник, за еден млад човек значи уште еден доказ за неговата зрелост, но и голем предизвик. Предизвикот е она што ве очекува во наредните три месеци во совладувањето на планираните содржини на обуката“, рече командантот на Командата за обука и доктрини, полковникот Љупчо Костовски пред војниците и присутните гости, меѓу кои и директорот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Димче Петровски и заменик-командантот на Здружената оперативна команда, бригаден генерал Мухамет Рацај. Тој додаде дека наредните месеци војниците ќе се стекнат со основни знаења и вештини потребни за извршување на задачите и за сопствената надградба.

145-те војници од кои 134 мажи и 11 жени, претставуваат база за понатамошен избор на професионални војници во редовите на Армијата на Република Македонија. Војниците под водство на инструктори од Центарот за индивидуална обука, во наредните три месеци, ќе се запознаат со основната воена обука која опфаќа теоретски и практичен дел. 

 

04.07.2014 - 15:31
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега