Отворање на 53. Балкански фестивал на народни песни и игри во Охрид

Со настап на Националниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“, заедно со фолклорниот ансамбл „Гоце Делчев“ од Неврокоп, Република Бугарија, вечер во Охрид ќе биде отворено 53-от по ред Балкански фестивал на народни песни и игри.

Манифестацијата за отворена ќе ја прогласи претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, кој е покровител на Фестивалот.

Најстарата манифестација од тој вид во Република Македонија и оваа година ќе понуди богата и разноврсна уметничка програма, со акцент на ансамбли и КУД што ги негуваат традиционалните песни и игри од балканските простори. Во текот на петте фестивалски денови на сцената „Долни Сарај“ ќе настапат 12 ансамбли и КУД од Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Полска, Словенија, Грција, Србија, Турција, како и три фолкорни друштва на нашите иселеници од Мелбурн, Австралија.

Овогодишното фестивалско издание „Танец“ ќе го отвори со сосема нова програма, нови атрактивни кореографии, на внимателно обработени фолклорни теми, блиски до изворното. Балканскиот фестивал на народни песни и игри е една од ретките манифестации од тој вид во регионот што опстојува веќе пет децении и успева да го задржи високото реноме, притоа покривајќи ги сите трошоци за престој на учесниците на фестивалот.

Манифестацијата ја организира Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид, со финансиска поддршка на Министерството за култура. Влезот за сите фестивалски вечери е бесплатен. Летната сцена Долни Сарај каде ќе се одржуваат настапите е реновирана, со поставена кровна конструкција со помош на Министерството за култура. 

06.07.2014 - 10:14
Фото: 
лидер
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега