Крвав викенд во Скопје: 36 сообраќајки и многу повредени

Во изминатите три дена на скопските улици се случиле вкупно 36 сообраќајни несреќи.

Според евиденцијата на полицијата, во петокот се случиле вкупно 21 сообраќајна незгода. Седум од нив се со последица материјална штета и 12 се со последица телесна повреда, во кои повредени биле 13 лица.

Во петокот се случила и една страотна несреќа во која загинало едно лице. Несреќата се случила во 19:20 часот на крстосницата од булеварот „Александар Македонски“, улицата „Македонска бригада“ и улицата „Интернационални бригади“. Во несреќата учествувале автомобил „голф“ со скопски регистарски таблички, управувано од жител на село Арачиново и пешак, жител на село Петровец. Од незгодата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, кој со возило на Брза помош е пренесен во Градската општа болница. За жал, човекот им подлегнал на повредите.

Се случиле уште две незгоди со мала материјална штета во која бил пополнет Европскиот извештај за случена сообраќајна незгода.

Во саботата се случиле вкупно 9 несреќи. Од нив, две се со последица материјална штета и две со последица телесна повреда во која шест лица заработиле полесни повреди.

Се случила и една незгода со последица тешки телесни повреди во 22:30 часот на улицата „Елен“ во село Средно Коњари. Во незгодата учествувале трактор, управуван од жител на село Горно Коњари и патничко моторно возило „југо“ со скопски регистарски таблички, управувано од жител на село Горна Сушица. Од незгодата со тешки телесни повреди се здобил еден сопатник во тракторот.

Во саботата се случиле уште две незгоди со мала материјална штета во која бил пополнет Европскиот извештај за случена сообраќајна незгода.

Во неделата се случиле вкупно шест сообраќајни незгоди. Од нив, три се со последица материјална штета и две со последица телесна повреда во која со полесни повреди се здобиле две лица, возачи на патнички моторни возила.

Вчера се случила и една незгода со последица тешки телесни повреди. Несреќата се случила во 13:50 часот на улицата „Радишанска“ во Скопје. Во незгодата учествувале автомобил „Лада“ со скопски регистарски таблички, управувано од граѓанин на Кичево и мотоцикл со скопски регистарски таблички, управуван од граѓанин на Скопје. Тешки поврди заработиле возачот и сопатникот на мотоциклот.

Во текот на вчерашниот ден се случиле уште две незгоди со мала материјална штета во која бил пополнет Европскиот извештај за случена сообраќајна незгода.

 

07.07.2014 - 12:12
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега