Петмина повредени во сообраќајки во Скопје

Во текот на изминатото деноноќие, на скопските улици се случиле вкупно 10 сообраќајни незгоди.

Шест од несреќите се со последица материјална штета и четири со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле еден возач на патничко моторно возило, еден сопатник, еден пешак, еден возач на мопед и еден мотоциклист.

Скопската полиција вчера уловила и казнила 17 возачи на велосипед со помошен мотор, мопед и мотоцикл кои сториле прекршоци по разни основи. Од нив, 10 возачи не го носеле заштитниот шлем за време на управувањето. Казни си заработиле и 12 возачи кои возеле под дејство на алкохол и 14 возачи кои брзо возеле. Од нив, осум возачи со возилата се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место и 13 возачи кои ги управувале своите возила по истекот на сообраќајната дозвола или без возачка дозвола.

Со специјалното возило „пајак“ биле отстранети 22 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Во рамки на сообраќајно воспитните акции, Отсекот за превенција при Единицата за безбедност на патниот сообраќај денеска ќе реализира едукативни работилници во детската градинка „Мајски цвет“, објект „Тафталиџе 1“, која се наоѓа на подрачјето на општина Карпош.

За денеска е најавен организиран протест на група граѓани против загадувањето од страна на фабриката „Железара“. Протестот е со почеток во 17 часот на ул. „Коце Металец“. Поради тоа од страна на сообраќајната полиција ќе биде обезбедена физичка регулација, а во зависност од моменталните состојби и пренасочување на сообраќајот.

08.07.2014 - 10:05
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега