Македонија со сериозни чекори за заштита на мајчинството

 

Обезбедување поголема здравствена заштита на бремената жена, мајката родилка и нејзиното дете, ќе овозможи поголема вклученост на жената на пазарот на труд. Македонија е меѓу земјите кои имаат најголема усогласеност на националното законодавство со Конвенцијата за заштита на мајчинството. Треба да се работи на унапредување на примената на законодството за што е потребна свест и кај работодавачите, како и на промоција на можноста породилно отсуство да земаат и татковците.

Ова се ставовите на учесниците на денешната работилница „Средина што го поддржува семејството преку подобрена заштита на мајчинството“ која се одржа во организација на Меѓународната организација на трудот и МТСП.

- Обезбедувањето заштита на бремената жена, мајката родилка, нејзиното дете се одговорности на институциите на системот и важно општествено прашање во целина. Заради тоа Собранието на Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за заштита на мајчинството на Меѓународната организација на трудот, со што нашите напори добија правец, а целта беше натамошно подобрување на еднаквоста на жените на работното место и здравјето и безбедноста на мајката и детето, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој се обрати на работилницата..

Покрај усвојувањето на Конвенцијата, Владата направи и соодветни промени во Законот за работни односи, што, како што истакна, е чекор напред за утврдување дополнителни стандарди во однос на заштитата на мајката и детето.

- Основната заштита на жената е овозможена со породилно отсуство кое кај нас изнесува девет месеци со што се вбројуваме во земјите кои имаат отсуство со најдолго траење. Минатата година воведовме и ново дополнително право на неплатено родителско отсуство со кое е предвидено работничката да го користи по завршување на основното породилно отсуство. Тоа трае три месеци, а работничката може да го користи до навршување на тригодишна возраст на детето. Притоа на жената и е обезбедена бесплатна здравствена заштита, рече министерот  Спасов.

Тој потенцира дека породилното отсуство во Македонија е период на платено отсуство и оти заради поголема материјална заштита на жените во овој период надоместот на плата за време на ова отсуство изнесува 100 проценти од основицата на надоместот на плата.

Во интерес на здравје на детето, како што рече, по враќањето на работа мајката има право на платена пауза за доење во траење од 1,5 час дневно во кое време се засметува и дневната пауза. Тоа право го има работничката до наполнета една година возраст на детето. Исто така работодавачот за време на нејзината бременост е должен да ја прераспредели на друго работно место доколку постојното може да биде ризично по нејзиното здравје.

Спасов потенцира дека во земјава се преземени и мерки за заштита на жените од дискриминација, вклучително и дискриминација поради бременост, раѓање и родителство.

- Забраната за дискриминација се однесува на пристапот на вработување, условите за работа и сите права од работен однос и откажување на договорот за вработување работнички кои се наоѓаат во состојба на бременост или користат права кои произлегуваат од раѓање и родителство. Така работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство. При вработување утврдена е и забраната за барање други исправи и докази кои не се во непосредна врска со работниот однос, а вклучува забрана за барање на тест за бременост или потврда за таков тест при склучување договор за вработување соработничка, без оглед на работното место за кое се заснива работниот однос, рече Спасов.

Сето ова, потенцира тој, укажува на нашата определба како држава во креирање амбиент во кој го поддржуваме семејството преку подобрена заштита на мајчинството. Заштитата на мајчинството е колективна одговорност што, како што рече, подразбира дека институциите на системот, синдикатите и работодавачите треба да работат заедно за унапредување на положбата на мајките на работното место. Покрај закон и регулатива, потребно е да се има и развиена свест бидејќи законите може да бидат идеални, но ако не се почитуваат реалноста ќе биде далеку од идеална, истакна министерот за труд и социјална политика.

Лаура Адати, експерт за заштита на мајчинство од МОТ од Женева, смета дека со промовирањето на урамнотеженоста, односно усогласеноста меѓу семејниот живот и работата се постигнува баланс кој, како што рече, натаму придонесува кон поголем развој и продуктивност на самата економија бидејќи на тој начин се создаваат посреќни родители и до максимум може да се искористат нивните таленти. На тој начин, потенцира, имаме и среќни вработени и здрави семејства.

Таа информира дека МОТ неодамна го објавила Глобалниот извештај за усогласеноста на националните законодавства со Конвенцијата 183 која се однесува на заштитата на мајчинството во кој, како што рече, е утврдено дека нивото на таквата усогласеност е е натпросечно во земјите од Источна Европа и Централна Азија.

- Сепак треба да се вложат дополнителни напори бидејќи постои ефективно законодавство, но тоа треба да се спроведе во пракса, да се обезбеди подобра здравствена заштита и осигурување на приходите на мајките по раѓањето на децата, особено кај ранливите групи како што се привремените вработувања, оние кои работат на определен период, самовработните, жените од руралните средини..., рече Адати.

Додаде дека треба да се работи и на промоција на можноста за вклучување и искористување на татковско отсуство, бидејќи, како што истакна, утврдено е дека вклучувањето на таткото во одгледувањето на детето придонесува кон неговата благосостојба и поголемо учество на мајките во работната сила. Затоа, истакна, треба да се вложат напори да се обезбеди татковско отсуство или поделено отсуство меѓу мајката и таткото.

МИА

08.07.2014 - 12:15
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега